Филипче: Мицкоски сака да се занимаваме со спинови наместо со вистината за ЕУ

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција, порача дека премиерот Христијан Мицкоски и министерот Тимчо Муцунски намерно креираат спинови и конфликти за да ја избегнат вистината за европскиот пат на државата и за да се дефокусира јавноста од реалните проблеми и од тоа што владата не сака членатво во ЕУ. Филипче посочи дека власта континуирано манипулира со јавноста и креира лажни наративи за евроинтеграциите на државата.

„Мицкоски и Муцунски продолжуваат да ги лажат македонските граѓани. Исто како што историската комисија работи далеку од очите на јавноста, цела година наназад. Создаваат вештачки конфликт за да се сокрие вистината. Колку уште лаги се потребни? Колку уште спинувања се потребни?“, рече Филипче.

Тој додаде дека зад блокадите на европскиот пат од страна на Владата на ВМРО-ОКГ, всушност се кријат нивните обиди за заштита на криминалните интереси и продолжување на грабежот на државата.

„Колку уште блокирања на европскиот пат за да ја заштитат својата криминална група и да продолжат со грабежот на државата? Уште колку лажни вести пласирани од страна на ВМРО, Орбановите медиуми, фармите на тролови и на ботови?“, рече Филипче.

На прес-конференцијата, Филипче порача дека граѓаните веќе јасно ги препознаваат политиките на власта за блокирање на иднината на државата и нивниот лажен патриотизам.

„Граѓаните сега јасно гледаат. Најголеми предавници на идинината се Христијан Мицкоски и неговата криминална организација. Затоа што нема поголем патриотизам од признавање и потврдување на македонскиот идентитет и јазик во рамки на Европската Унија“, рече Филипче.