Филипче од Гостивар: Со власта на Мицкоски и неговата ОКГ нема политичка и морална одговорност

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Со Христијан Мицкоски на власт и неговата организирана криминална група нема политичка и морална одговорност за здравствената катастрофа во Гостивар, а граѓаните се оставени сами да се справуваат со последиците кои ги доведоа во прашање елементарните човекови права, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

„Очигледно е дека со оваа власт на Христијан Мицкоски и неговата организирана криминална група, повеќе нема прашање во сферата на политичката или моралната одговорност. Очигледно е дека се во прашање елементарните човекови права, граѓански права, тоа е правото на здравје, здравата почва и здравата вода. Кога системот го менаџира мала група на луѓе околу Христијан Мицкоски, граѓаните се оставени сами да се справуваат со последиците. Затоа бараме одговорност, транспарентност и конкретни мерки за заштита на здравјето на луѓето“, порача претседателот на СДСМ од Гостивар.

Филипче нагласи дека станува збор за прашања кои не смеат да бидат предмет на политички калкулации, туку за прашања од директен јавен интерес, бидејќи се однесуваат на здравјето и безбедноста на граѓаните.

„Нашата посета денес на Гостивар нема за цел да го политизираме прашањето, како што ВМРО сака да не обвини. Имаме за цел да им помогнеме на граѓаните кои никој не ги прашува како се и дали им е потребна некоја помош. Но, истовремено сме тука да поставиме важни прашања за тоа што се случувало, чија е одговорноста и како може да се спречи понатамошно влошување на состојбата“, рече Филипче.

Филипче потенцираше дека надлежните институции мора да дадат одговори за пропустите во управувањето со состојбата, особено за тоа зошто не се вршеле редовни контроли на водата и зошто не се реагирало навремено кога се појавиле првите индикации за здравствен ризик.

„Зошто Центарот за јавно здравје не ја испитувал водата секој ден? Зошто кога се случил наплив на пациенти во болницата не се истражиле добро на што се должи тој зголемен број на пациенти, за да може порано да се реагира? Зошто не се направила соодветна епидемиолошка анализа, да се утврди од каде доаѓаат симптомите и на што се должат. Мора да има одговори и за тоа како денес функционира системот, кој ја менаџира состојбата и кој гарантира дека се преземаат сите неопходни мерки за заштита на граѓаните. Каква вода се користи во рестораните? Со каква вода се мијат чиниите, приборот за јадење и садовите за подготовка на храна? Кој ја контролира водата што се користи во објектите каде што има масовни собири? Граѓаните мора да знаат кој гарантира дека таа вода е безбедна“, рече Филипче.

Тој предупреди дека без навремена реакција постои опасност здравствената состојба дополнително да се влоши.

„Ако повторно се користи неисправна вода, постои ризик од нови последици, вклучително и труење со храна и појава на заболувања како хепатит А. Затоа институциите мора веднаш да реагираат и да ги информираат граѓаните“, додаде Филипче.

Линк до видео: