Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека Владата под маса договара изградба на дата-центри со огромна потрошувачка на електрична енергија и вода, без јавноста да знае какви обврски се преземаат и како овие проекти ќе влијаат врз природните, енергетските ресурси во државата и земјоделието.
Филипче објави и документ од компанија, објавен пред три месеци, во којшто се наведува дека за дата-центар којшто треба да се развива во земјава е обезбеден капацитет на струја од 100 мегавати и дека постои директен пристап до реката Вардар.
„Уште еден доказ дека оваа власт прави сè под масата, како и за многу други работи. Ќе споделам со јавноста еден документ од една компанија, објавен пред три месеци, во којшто компанијата јасно и гласно наведува дека станува збор за дата-центар којшто треба да го развиваат кај нас, дека е обезбеден капацитет на струја од 100 мегавати, дека имаат директен пристап, ’до реката Вардар и високо ефикасниот капацитет на реката Вардар да ваквите центри ги лади‘, како и, повторно цитирам, ’целосно обезбедени, потврди дека со овој проект може да се продолжи од страна на Владата на Македонија‘“, обвини Филипче.
Филипче посочи дека изградбата на дата-центрите отвора сериозни прашања и за водоснабдувањето, особено за земјоделците, имајќи предвид дека овие центри користат огромни количини вода.
„Дали тоа значи дека огромната количина на вода којашто ќе ја користат датацентрите коишто организираната криминална група на ВМРО сака да ги прави кај нас, ќе ги остави нашите полиња и земјоделците без водоснабдување? Дали тоа значи дека ова целосно запоставување на земјоделскиот сектор дополнително ќе претрпи удар поради тоа што водата ќе биде пренасочена за ладење на таканаречените дата-центри. Понатаму, овие дата-центри трошат огромен капацитет на струја. Дали тоа значи дека поради тоа што струјата ќе се троши повеќе, ќе поскапи? И дополнително на тоа, ќе зависиме од дополнителен увоз“, истакна Филипче.
Филипче посочи и на фактот дали поради потрошувачката на дата-центрите ќе остане доволно електрична енергија за нови фабрики и други производствени капацитети.
„Дали тоа значи дека нема да има капацитет за ништо друго да се направи во околина на дата-центрите поради тоа што тие користат многу струја, на пример, ќе може ли во околина на некој дата-центар да се изгради фабрика? И дали воопшто ќе има струја за тие фабрики? Граѓаните да знаат што се прави под масата, зад нивниот грб, а на нивна штета, трошејќи ги и ставајќи ги во ризик водните капацитети насекаде низ државата, капацитетите на струја, коишто и онака прескапо ги плаќаме поради тоа што оваа власт не знае тој систем да го менаџира“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Линк до видео:

