Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, порача дека гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, мора да се соочи со одговорност за Алта банка и да поднесе оставка, а надлежните институции да поведат истрага. Притоа, Филипче побара од Славески да одговори дали знаел каква банка добива дозвола за влез во Македонија, особено по информациите за нејзината поврзаност со криминално стекнати пари и по одземањето на лиценцата за работа во Србија.
Филипче потсети дека СДСМ уште во декември минатата година предупредуваше за сомнителното работење на Алта банка и побара одговор зошто ѝ е дозволено да влезе во македонскиот банкарски систем.
„Нашиот АКТ тим на вакво сомнително работење на Алта банка во Србија уште во декември лани го постави прашањето зошто се дозволи влез во нашата земја. Се поставува клучното прашање дали Христијан Мицкоски и Трајко Славески добро го процениле ризикот каква банка влегува во нашата земја или сепак многу добро знаеле за што станува збор и се дел од оваа мрежа мафијашка во Србија“, рече Филипче.
Дополнително, Филипче посочи дека постојат информации од Соединетите Американски Држави за иницијативи дел од раководството на Алта банка да биде ставено на црна листа, што дополнително ја наметнува потребата од институционална проверка на сите околности околу влезот на банката во Македонија.
„Дали тој добро знаел на каква банка ѝ овозможува влез во земјата? Гледаме во изминатиот период информации кои што доаѓаат од Соединетите Американски Држави, нашиот стратешки партнер, а тоа е дека имаше иницијативи да дел од раководството на Алта банка биде ставено на црна листа. Впрочем, тие купија банка од луѓе кои што беа на црна листа на Соединетите Американски Држави“, рече Филипче.
Филипче предупреди дека случајот со Алта банка отвора сериозни прашања за сигурноста на парите на граѓаните и јавните претпријатија.
„Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на нашите граѓани. Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на јавните претпријатија. Се поставува прашањето дали сега некој во Народна банка или во Владата ќе направи нешто да го спречи оваа стампедо којашто веќе се случува пред експозитурите на Алта банка во неколку градови во нашата земја“, рече Филипче.
Воедно Филипче побара гувернерот јавно и транспарентно да им одговори на граѓаните дали имаат причина за загриженост, и нагласи дека неговата одговорност не завршува со давање објаснување.
„Нормално е дека луѓето се исплашени. Апелираме гувернерот јасно и гласно да излезе и да каже дали има простор за грижа на граѓаните, а гувернерот исто така треба да се соочи не само со својата морална одговорност и да си поднесе оставка, туку да се соочи и со кривична одговорност, за што го повикуваме Основното јавно обвинителство да поведе истрага“, рече Филипче.
