Прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Централниот одбор на СДСМ на синоќешната седница донесе одлука за усвојување на Договор за коалицирање со политичката партија ДУИ.
Обезбедено е парламентарно мнозинство и нова Влада која во полн четиригодишен мандат ќе ги реализира програмските определби и принципи околу кои сме обединети.
Создадовме Влада која ќе им служи на граѓаните и ќе ги следи нивните потреби, ефикасна Влада која ќе има 7 министри помалку за уште поефикасна работа во интерес на граѓаните и државата.
Новата Влада предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев е составена од одговорни, чесни, отчетни и професионални кадри кои посветено ќе работат на реалзиација на зацртаните програми во своите ресори.
Мандатот од 4 години е период во кои ќе гледаме како државата во сите сегменти се трансформира на подобро.
Следува посветена работа на јакнење на економскиот стандард, зголемување на платите и пензиите, отворање на нови работни места и привлекување на нови странски инвестиции.
Уште повеќе и уште подобро ќе инвестираме во јавното здравство за уште поефикасна борба против коронавирусот.
Следува прочистување на судството, но и проверка на потеклото на имотот и парите на функционерите.
Во новиот мандат, продолжуваме со имплементација на Договорот од Преспа со Грција, договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија како договори кои обезбедија членство во НАТО и водат до интеграција кон ЕУ, но и реализација на Охридскиот Рамковен Договор.
Почитувани,
Како одговорна партија, СДСМ се води исклучиво од интересите на граѓаните и државата. Тоа го покажавме во претходниот скратен мандат, тоа ќе го покажеме и во новиот, полн четиригодишен мандат.
Ќе работиме уште повеќе, за да биде уште подобро за сите.