Прес-конференција, Даниела Маркоска, пратеничка на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Денеска во Собранието е последниот ден за расправата по предлог измените и дополнувањата на Буџетот за 2020 година.
Со ребалансот на Буџетот се обезбедуваат средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки креиран од Владата предводена од СДСМ.
Преку овој пакет мерки, 470 милиони евра се наменуваат за директна поддршка на граѓаните, за спас на работни места и за поголема поддршка за стопанството.
Предвидени се 70 милиони евра за субвенционирање на плати за 83.000 вработени за месеците октомври, ноември и декември, а 27,6 милиони евра ќе се обезбедат за домашни платежни картички од по 6.000 денари за околу 283.000 наши сограѓани.
Со ребалансот ќе се обезбедат и сериозни средства за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, занаетчиите и вршителите на самостојна дејност, како и на компаниите погодени од коронакризата.
Покрај со економските, со овој ребаланс се обезбедуваат средства за справување и со здравствените последици од коронавирусот.
Предвидени се 243 милиони денари што Владата ги издвои за здравството и тие ќе бидат распределени за набавка на лекот Ремдесивир, како и за набавка на вакцини и тестови за ковид 19.
Во овие 243 милиони денари, вклучени се и средства во висина од 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од корона вирусот.
Почитувани,
Со носењето на ребалансот на Буџетот за 2020 го зајануваме здравствениот систем, но обезбедуваме и силна поддршка за граѓаните и за нашата, македонска економија.
Затоа, важно е сите пратеници да дадат поддршка и денеска ребалансот да биде усвоен.
Како парламентарно мнозинство остануваме посветени на мерките и политиките што носат поголема грижа за јавното здравје, грижа за секој граѓанин и секоја компанија погодена од кризата.