Прес-конференција, Даниела Маркоска, пратеничка на СДСМ
Почитувани,
Владата предводена од СДСМ во време на глобална здравствена и економска криза, предизвикана од пандемијата со коронавирусот продолжува со креирање и спроведување на мерки и политики за помош за граѓаните и за поддршка на стопанството.
Преку Развојната банка ја пласираме третата по ред бескаматна кредитна линија Ковид 3 со која на располагање на стопанството се ставаат 31 милион евра.
Овие кредити со нула камата се наменети за сите микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од корона вирусот, а може да се измери преку падот на приходите.
Минимален износ на кредит за кој ќе може да се поднесе барање е 3.000 евра, а максималниот износ изнесува 5.000 евра за трговец поединец и занаетчија; и 15.000 евра за микро и мали трговски друштва.
Кредитите ќе бидат со 3 години рок на отплата и вклучен грејс период до 6 месеци, а ќе може да се користат за набавка на основни и обртни средства заради непречено финансирање на тековните активности и потребата од обртен капитал на субјектите.
Новина во оваа кредитна линија е правото на грант од 30%, кое корисниците ќе можат да го остварат по исплата на половина од кредитот.
Право да побараат грант имаат компаниите управувани од жени и млади, извозничките претпријатија, како и субјекти во областа на зелена економија, модернизација и дигитализација на деловните процеси преку набавка на опрема или воведување нов начин на продажба, како и иновација од аспект на воведување на нови производи и нови услуги.
Бескаматната кредитна линија Ковид 3, е дел од голем финансиски пакет обезбеден од страна на Европската Унија.
Оваа мерка е континуитет на претходните две кредитни линии ковид 1 и ковид 2, со кои беа обезбедени бескаматни кредити во вредност од 13,5 милиони евра, за 1.376 компании, за зачувување на близу 18.000 работни места во овие компании.
Очекуваме третата ковид линија да поддржи 2.000 микро и мали субјекти.
Во време на сериозна здравствена и економска криза, државата застанува зад секој граѓанин и зад секој приватен субјект, кој е погоден од кризата.
Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев и натаму ќе продолжи со потребната поддршка за сите, на кои во овој период таа им е најпотребна.
Никој не е оставен сам, заедно ќе ги надминеме негативните последици врз економијата предизвикани од коронакризата.