fbpx

Заев: Во тешки околности станавме 30 земја членка на НАТО, успешно ќе се справиме и со заканата од корона вирусот

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес- конференција, Зоран Заев, претседател на СДСМ

 

Прво дозволете јавно да ја поздравам одлуката на Владата да побара вонредна состојба и да го повикам претседателот на државата да ја донесе одлуката за вонредна состојба.

Се справуваме со еден од најголемите глобални предизвици, да го заштитиме здравјето и сигурноста на граѓаните во време на пандемија и ширење на корона ви русот.

Во време кога целосно сме посветени и се бориме со широко распространетиот вирус, пристигна и многу важна вест за иднината на нашата држава и врвен стратешки приоритет:

Северна Македонија е веќе 30 земја членка на НАТО!

Во вонредни околности, Сенатот на Шпанија за првпат гласаше од далечина, телематски само за нас, и без ниту еден глас против го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

Со овој пријателски чин, завршен е процесот на ратификации на Протоколот во сите земји членки на Алијансата во неверојатно тешки услови.

Испишавме историја за нашата држава и сите наши граѓани, во тешко време, кога сме фокусирани на заштита на здравјето и сигурноста на граѓаните.

Успеавме да го оствариме тридеценискиот сон на многу генерации и покрај сите предизвици со кои денеска се соочуваме, затоа сите сме горди на овој историски успех.

Ги остваривме заложбите на претходните генерации, ја обезбедивме сегашноста и ја загарантиравме сигурната и стабилна иднина на генерациите кои доаѓаат по нас.

Ова е верификација на вистинските државнички политики во изминатите 2,5 години.

Уште од првиот ден од мандатот моравме да се посветиме на нашата земја и да ја вратиме на патот на интеграциите во ЕУ и НАТО.

Сега темелите се поставени и продолжуваме напред, да градиме безбедна, стабилна, развиена земја, како основен услов за да може и економски посилно да се развива, за подобар живот на сите наши граѓани.

НАТО значи безбедни граници, стабилност и сигурност.

Но, НАТО е и пазар од 4 милијарди евра годишно. НАТО се повеќе инвестиции, нови работни места, повеќе пари, повисок животен стандард за сите граѓани.

Станавме дел од НАТО, на ред е вториот стратешки приоритет, членството во ЕУ.

Почитувани граѓани,

Покажавме дека можеме да се соочиме со предизвиците. Сега е време сите заедно да се фокусираме на новиот предизвик, да го заштитиме здравјето на сите граѓани и заедно се избориме со корона вирусот.

Солидарноста и заедништвото се најсилното оружје за справување со каква било опасност.

Затоа е исклучително важно, да ги следиме и доследно да ги почитуваме мерките и препораките од надлежните институции. На тој начин да помогнеме во заштита на здравјето и спречување на корона вирусот.

Уште еднаш ја поздравувам одлуката на Владата да побара воведување вонредна состојба.

Имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата воведувањето вонредна состојба ќе придонесе за брзо и ефикасно да се спроведуваат мерките за заштита на здравјето на граѓаните, но истовремено и за економските мерки за помош кон стопанството и граѓаните.

Уште еднаш сакам да им се заблагодарам и да им оддадам јавно признание и почит на сите кои учествуваат во борбата против овој вирус, здравствените работници, полициските службеници, припадниците на армијата, службениците, институциите и медиумите.

Државнички и одговорно е да бидеме единствени во делувањето, маката да ја споделиме, заедно сме посилни и секој граѓанин е важен.

Граѓаните и нивното здравје да продолжи да ни биде пред сѐ и заеднички да делуваме, да се издигнеме уште повеќе и ќе успееме во заедничката борба против овој вирус!

Последни вести