Прес-конференција на СДСМ, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
На виделина е спрегата на Христијан Мицкоски со тајкунот на режимот, Орце Камчев. Обвинето лице во судски предмети а од вчера и во притвор.
Ова е Тони Менкиновски, претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, човек близок на Христијан Мицкоски.
Токму човекот на Мицкоски, кој често сме го гледале од партиската говорница на ДПМНЕ во белиот дворец, му е адвокат и го брани Орце Камчев.
Истиот Менкиновски, беше главен „преговарач“ на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во разговорите за Законот за јавно обвинителство.
Уште тогаш велевме дека Мицкоски прави се’ за да пропаднат случаите на СЈО отворени пред македонските судови и да се спасат криминалците на режимот. И ова сега е потврда на тоа и на неговата улога.
Поставен на браникот на криминалот, токму Мицкоски во една јавно објавена снимка потврди дека е единствен којшто се бори против случајот Империја и против Законот за Јавно обвинителство.
ВМРО-ДПМНЕ, не си ги бара парите 1,3 милиони евра, наводно украдени од донации за партијата, како што е наведено во предметот, туку го брани Камчев. На оваа партија, очигледно поважен и е Орце Камчев отколку сопствените финансии.
Почитувани, јасна е поврзаноста меѓу Христијан Мицкоски и Орце Камчев.
Она што е важно е дека докажаниот губитник, Христијан Мицкоски, не успеа да го спречи носењето на Законот за јавното обвинителство, не успева ниту да ги одбрани криминалците во своите редови.
Правдата е тука, секој што го прекршил законот, мора да одговара.