fbpx

Со измените на Законот за наставници и стручни соработници обезбедуваме правна и економска сигурност за наставниот кадар

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес- конференција, Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Денеска на Комисијата за образование наука и спорт овде во Собранието расправаме важни измени и дополнувања на закони од областа на образованието.

Со измените на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и Законот за Бирото за развој на образованието реализираме две важни ветувања дадени пред граѓаните кои беа дел и од изборната програма на СДСМ за последните парламентарни избори.

Преку измените на Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование обезбедуваме правна и економска сигурност на наставниот кадар.

Наставниците и стручните соработници отсега директно ќе се вработуваат на неопределено време доколку ги исполнат законски предвидените услови, односно, со новиот закон им се трансформира работниот однос на сите наставници и стручни соработници кои до моментот на негово стапување на сила се ангажирани на определено време, ако за тоа ги исполнуваат условите.

На овој начин би се опфатиле над 4.700 просветни работници и тоа: 1.464 наставници и стручни соработници кои во моментов се ангажирани на определено работно време до 2 години и 3.326 наставници ангажирани на определено работно време над 2 години на кои не им е трансформиран работниот однос.

Законското решение ќе обезбеди создавање на правна и економска сигурност на наставниците и стручните соработници преку засновање на работниот однос на неопределено време, подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес преку воспоставување на континуитет во реализацијата на наставата, како и овозможување на професионален и кариерен развој на овие наставници и стручни соработници.

Со ова ставаме крај на неправдите кон одреден број наставници и стручни соработници кои немаа еднаков статус со нивните колеги.

Сепак јавноста треба да знае дека и покрај тоа што овие измени се во интерес на наставниот кадар, во интерес на образовниот процес и во интерес и на учениците, ВМРО-ДПМНЕ и по однос на овие измени се однесува деструктивно и работи на штета на граѓаните.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Комисијата за образование, наука и спорт денеска се противат наставниците и стручните соработници да добијат правна и економска сигурност, да се ослободат од стресот предизвикан од неизвесноста дали ќе им се продолжи работниот однос, тие се против тоа да се обезбеди континуитет во реализацијата на наставниот процес што е важно, како за самиот наставник, така и за учениците и нивните родители.

Ја уверуваме јавноста, ги уверуваме наставниците и стручните соработници дека и покрај деструкциите, измените на овие важни закони ќе бидат донесени и наскоро ќе започне и нивната реализација.

Последни вести