Прес конференција, Фатмир Битиќи, претседател на Комисија за финансии на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Како одговорна партија продолжуваме со реализација на мерките што поттикнуваат економски раст и стабилна и развојна економија.
Владата предводена од СДСМ го усвои ребалансот на Буџетот за 2019 година со што продолжува диструбуцијата на повеќе пари кај граѓаните и компаниите. Ребаланост на Буџетот има за цел да се алоцираат средства од оние ставки кои не се искористени, во ставки што обезбедуваат развој на економијата.
Како што ветивме, по затворањето на горливите прашања кои не одведоа во НАТО и овозможија почеток на преговори со ЕУ, почнуваме со силен интензитет да го подобруваме животниот стандард на граѓаните.Најновите податоци покажуваат дека економијата е активна и се движи во добар правец. Растот на БДП во вториот квартал е 3,1 отсто што покажува дека економските мерки даваат добри резултати.
Се отвораат нови и подобро платени работни места, невработеноста е на рекордни ниски 17,8 отсто.
За разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ кога се вршеа притисоци иказнувања на фирмите, денес градиме партнерски однос со приватните компании.
Денес, бизнисот живее, нема веќе инспекции, нема пиштење вриштење, секој работи без притисоци и слободно се натпреварува на пазарот.
Во таа насока, со ребалансот, обезбедени се дополнителни 200 милиони денари за активните политики и мерки за поддршка на вработувањето за кои постои голем интерес.
Обвинувањата дека ребалансот е популистички и со краткотраен ефект значи дека ВМРО-ДПМНЕ повторно се против зголемување на платите на граѓаните, против подигање на животниот стандард, против раст на пензиите и поголема поддршка за компаниите.
400 милиони денари се обезбедени за субвенционирање на придонесите од задолжителното социјално осигурување за претпријатијата кои ќе ги зголемат платите на своите вработени до 100 евра, односно до 6.000 денари.
Оваа мерка, освен раст на платите, има за цел и сузбивање на сивата економија и давањето плати во плико, но и зголемување на приливот на средства во пензискиот фонд.
Владата предводена од СДСМ покажува вистинска грижа за пациентите и го унапредува системот на здравствена заштита.
Со ребалансот, обезбедени се средства од 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин. Истовремено, во Фондот за здравствена заштита префрлени се 660 милиони денари за непречено остварување на правата од здравствена заштита.
Наместо во лажен барок, стиропор, палми и споменици, каде ВМРО-ДПМНЕ потроши стотици милиони евра, денес парите од буџетот ги вложуваме во она што е важно за граѓаните и државата.
Трендот на раст на платите којшто е постојан во изминативе две години, продолжува и натаму.
Веќе од септемвриската плата која ќе се исплати во октомври,стапува на сила новото покачување од 5 отсто на платите во јавната администрација, во здравството, во образованието, во градинките, во полицијата, културата, одбраната…
Владата предводена од СДСМ го одржува ветувањето, Република Северна Македонија силно чекори напред, се повеќе пари завршуваат назад кај граѓаните.
Проектот Мој ДДВ дава неверојатни резултати, граѓаните за првпат добиваат пари директно од државата, а не како што беше во времето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, кога граѓаните се пљачкосуваа а трошоците за живот вртоглаво растеа.
Почитувани,
Како одговорна партија, продолжуваме со реализација на мерките и политиките во интерес на економијата и граѓаните.
Градиме силна и конкурентна економија што отвора шанси за сите.