Потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски придружуван од претседателката на ОО на СДСМ Габриела Ристеска и други членови на СДСМ учествуваше на маалска средба со граѓаните на Кичево.
На средбата со граѓаните, се разговараше на повеќе актуелни теми, како економските, аграрните и други мерки преку кои се враќаат парите кај граѓаните,намалувањето на трошоците за живот, растот на платите, пензиите и социјалната помош.
Спасовски пред присутните граѓани истакна дека непосредните средби со граѓаните се можност да се слушнат потребите, сугестиите и идеите на граѓаните со цел решавање истите и овозможување на подобар живот за сите граѓани.
Тој посочи дека земјата сега е пред многу важен период кога ги очекува отворањето на преговорите за членство во ЕУ и членството во НАТО кои имаат клучно значење за иднината на земјата.
Спасовски посочи дека сега е моментот кога државата треба да покаже капацитет во справувањето со криминалот и корупцијата како и дека секој кој е вмешан во некаков криминал треба да одговара без разлика на неговата етничка или политичка припадност. Законот е ист за сите и наша обврска е да се расчистат сите случаи каде постои сомнеж за корупција и криминал. -додаде Спасовски.
На маалската средба Спасовски се осврна и на успешните економски и аграрни политики кои даваат реални резултати. Но и на вложувањето во инфраструктурата, како изградбата на регионални, локални и експресни патишта .
До овој момент, изградени и рехабилитирани се преку 500 километри патишта, инвестиции со вкупна вредност од околу 540 милиони евра.-рече Спасовски.
Тој потврди дека Владата предводена од СДСМ, во овој момент инвестира преку 850 милиони евра во проекти во патната инфраструктура, а истовремено се гасифицира цела држава, се градат нови водоводи и канализации.
Спасовски истакна дека позитивната економска клима резултираше на раст на платите, нови работни места и намалување на стапката на невработеност на рекордни 17,8 отсто.
СДСМ како партија работи одговорно и домаќински и останува посветено да работи во насока на интересите на државата и граѓаните.