Прес конференција, Татјана Прентовиќ, пратеничка на СДСМ
Почитувани,
Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ ги усвои измените во Законот за земјоделско земјиште, кој претставуваат сериозна реформа за отстранување на проблемите при доделување под закуп на државното земјоделско земјиште.
Измените во Законот гарантираат правилна, транспарентна и функционална распределба на државното земјоделско земјиште.
Овој Закон обезбедува можност за окрупнување на обработливите површини и до 10 хектари, што е предуслов за зголемен обем на производство на квалитетни и конкурентни земјоделски производи.
Овој Закон, исто така создава услови за мотивирање на младите земјоделци до 40 години кои ќе бидат ослободени од плаќање на закупнина три години од склучување и стапување на сила на договорот.
Со Законот се проширува намената за доделување на државното земјоделско земјиште за поставување на пчелни семејства, што беше долгогодишнен проблем на одгледувачите на пчели.
Со цел да се елиминира нереалното доделување на земјоделското земјиште, Законот предвидува постапка со која се намалува злоупотребата од страна на оние кои наддават, а потоа не склучуваат договор за закуп. Тоа значи дека секој оној кој ќе понуди највисока сума, ќе има обврска да склучи договор за користење на земјиштето или во спротивно ќе плати оштета во износ на понудената годишна закупнина. Сега Законот дава можност, ако прворангираниот не го склучи договорот, тоа да може да го стори второрангираниот.
Со цел развој на агротуризмот и можност за поголема искористеност на средствата од ИПАРД програмата, Законот овозможува на земјоделското земјиште да се градат објекти за промоција на земјоделски производи, угостителски и спортско-рекреативни објекти. Сметаме дека оваа можност е исклучително важна за постигнување локален економски развој и на руралните средини.
Почитувани,
Со Законот за земјоделско земјиште донесовме решенија за правилната распределба на државното земјоделско земјиште што ќе претставува основа за посветеност и вистинска грижа за креирање на идни мерки во интерес на земјоделците и земјоделството.