Прес-конференција, Костадин Костадинов портпарол на СДСМ и пратеник
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Преспа форум дијалогот што пред неколку дена се одржа во Охрид е историски важен настан кој носи зајакнување и дополнителна афирмација на нашите меѓународни позиции.
Како никогаш досега сведочиме на силна, и на дело потврдена поддршка од нашите сојузници од западниот свет.
Сите наши најважни меѓународни сојузници, во срцето на словенската писменост – Охрид, потврдија дека македонскиот идентитет и јазик се прашање кое е затворено и кое не може да биде услов за напредокот кон ЕУ.
На целиот свет му е јасна нашата цврста определба да не се задира во македонскиот идентитет и јазик во изнаоѓањето решенија за продолжување на патот кон ЕУ.
Нашите црвени линии се јасно поставени, а впрочем тоа го докажува и односот на Бугарија во изминатиот период и почитта која ја добиваме од нашите сојузници.
Ставовите на СДСМ, на Владата се јасни и повеќе пати повторени како дома така и надвор –интеграција во ЕУ само како Македонци, со потврден македонски јазик и идентитет.
Како одговорна, државотворна партија продолжуваме посветено да работиме на интеграцијата, да ги унапредуваме односите со меѓународните сојузници, а европските стандарди и вредности да ги носиме дома, затоа што ние сме Европа.
Така се работи за државата, така се работи за иднината на сите наши граѓани.
Ви благодарам