fbpx

Обезбедуваме економски раст и повеќе пари кај граѓаните, очекувам пратениците да го поддржат Буџетот

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес конференција,
Јован Митрески, пратеник во Собранието на Република Македонија,
Скопје 18.12.2018

 

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Денеска, на пленарната седница во Собранието, предлог Буџетот за 2019 година влегува во последната собраниска фаза.

Очекувам сите пратеници да дадат поддршка за негово усвојување, затоа што Буџетот за 2019 година е домаќински, развоен и обезбедува повеќе пари во секое семејство, кај секој граѓанин.

Во 2019 година се очекува забрзување на раст на Бруто домашниот производ на 3.2 отсто, каде што позитивен придонес врз растот е предвидено да имаат домашната побарувачка, нето-извозот, како и капиталните инвестиции.

Просечната нето-плата во следниот период ќе продолжи да расте и се очекува да изнесува 4,5 отсто на номинална основа.

Проекцијата за раст на бројот на вработени во 2019 година изнесува 2,1 отсто, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали историски минимум, на околу 20 отсто.

Со буџетот предвидено е зголемување на платите за 5 отсто за вработените во образованието, здравството, социјалната и детрска заштита, одбраната, полицијата, судството, културата. Зголемување на платите за 10 отсто е предвидено за лекарите специјалисти.

Се реформира системот на социјална заштита. Со воведувањето на мерките гарантиран минимален приход и семеен пакет на права, лицата кои примаат социјална помош имаат можност да добиваат и до 300 отсто зголемена социјална помош.

Создаваме можности, околу 60.000 деца да добиваат детски и образовен додаток.

За првпат се воведува мерката „зелена нафта“ што значи дека земјоделските стопанства ќе добиваат поддршка до 30 отсто за набавка на нафта. Тоа ќе ги намали трошоците за производство и ќе останат повеќе пари кај земјоелците.

Буџетот за 2019 година обезбедува повеќе пари за одбраната, за социјалната заштита, повеќе пари за инфраструктурни проекти, зголемена поддршка за компаниите.

Истовремено, низ конструктивна дебата овде во Собранието, прифатени се 9 амандмани поденсени од опозицијата во вкупна вредност од 500.000 евра.

Оттука, очекувам конструктивноста да продолжи и сите пратеници без разлика на која партија припаѓаат да го поддржат Буџетот за 2019 година што е во интерес на граѓаните, на државата и на економијата.

Последни вести