Прес-конференција на СДСМ, Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Учебната година со физичко присуство се одвива успешно и без проблеми.
Над 187.000 основци и 70.000 средношколци, со почитување на сите здравствени протоколи, по една и пол година учење на далечина денес се во своите клупи целосно вклучени во наставно образовниот процес.
Нема подобра опција од настава со физичко присувство и затоа е потребно сите, наставниците, учениците и родителите доследно да се придржуваат до мерките за заштита со цел да се одржи континуитетот на наставата со физичко присуство.
Освен враќањето на физичкото присуство оваа учебна година е особено важна и поради реформите кои се спроведуваат а кои имаат за цел унапредување на наставниот процес.
Од оваа учебна година имаме нова Концепција за основно образование, нови наставни програми и современи материјали за учење, печатени учебници за прво и дигитални за четврто одделение.
За првпат се изработени учебници и на Брајово писмо и во аудио формат за ученици со проблеми со видот и тие учебници се навремено во училиштата.
Реформите во образованието носат промени и во начинот на реализација на часовите, обезбедија добро опремени училишта со нагледни средства, со интерактивни табли и таблет компјутери за учениците од социјално ранливите семејства.
Сите овие новини имаат за цел да овозможат училиштата да станат поинтересни места за учениците, каде тие ќе сакаат да престојуваат и каде на полесен начин ќе ги совладуваат материјалите за да стекнат нови вештини и знаења.
За СДСМ и Владата што ја предводи, образованието е еден од врвните приоритети. Потврда за тоа се досега реализираните проекти и политики.
За четири години изградени и реконструирани се 80 училишта, платите во основното и средно образование ги зголемивме за над 21 отсто, а со Колективниот договор, платите во високото образование ги зголемивме за 10 отсто.
Преку одговорен и инклузивен пристап продолжуваме да инвестираме во образованието, да инвестираме во иднината на нашата држава.