Прес-конференција на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски
Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,
Со големо задоволство информирам дека денес го избравме новото раководство на СДСМ, нови членови на Централниот одбор и нов Извршен одбор на партијата.
При изборот на нови членови на Извршниот одбор и за нови потпретседатели, се раководев од тоа во тимот да имаме искусни луѓе препознатливи по својот ангажман во СДСМ, но и млади луѓе кои во овој период се стекнаа со углед и искуство за обавување на такви должности.
Би сакал да ви ги претставам луѓето кои во следнот период заедно со мене ќе работат рамо до рамо да го обединиме членството, да ја зајакнеме партиската организација и да се вратиме на победничките патеки.
Нови потпретседатели на партијата од денес се Перо Костадинов, Стефан Богоев, Бисера Костадинова Стојчевска и Фатмир Битиќи кој и досега беше на оваа позиција продолжува во уште еден мандат. Нов генерален секретар партијата е Миле Зечевиќ, нов организациски секретар е Вангел Андрески а секретар за меѓународна политика, Бојан Маричиќ. Им честитам на сите и верувам во вашата чесна, посветена и одговорна работа во интерес на граѓаните и СДСМ.
Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, го продолжува мандатот кој и го има со изборот на Конгресот.
Во ИО на СДСМ од денес се :
1. Ана Данева Маркова, угледна докторка од Клиниката за гинекологија.
2. Мишко Ралев, професор, декан на Факултетот за архитектура и дизајн, се уште актуелен претседател на Асоцијацијата на архитекти.
3. Нина Фити Неделковска, докажан економски екперт со долгогодишно искуство во банкарството, домашно и меѓународно,
4. Снежана Захариева, доктор-специјалист по анестезиологија, дикреторка на Болницата во Куманово, своевремено беше и претседателката на Општинскаа организација, советничка во Советот.
5. Даниела Колева актуелна пратеничка во Собранието, професорка по математика и долгогодишна членка на СДСМ.
6. Милена Стефановиќ, доктор – инфектолог, директорка на Инфективна клиника во најтешката година за нашето здравство.
7. Костадин Костадинов, млад и успешен, од почетоците негови во СДММ па се до денеска, пратеник, член на извршен а од скоро и градоначалник на Струмица.
8. Рената Јајоска, досегашна членка на ИО, поранешна членката на Извршниот одбор на СДММ, советничка, потпретседателка на Младите европски социјалисти.
9. Мелиса Ценовска Серафимовска, дипломиран економист, со искуство во банкарскиот сектор и јавните финансии.
10. Петре Шилегов, поранешен градоначалник на главниот град, пратеник, портпарол и носител на високи партиски функции во СДСМ.
11. Дритан Исмаили, магистар по јавно здравје, Советник во кабинетот на министерот за здравство, од Гостивар.
12. Тања Томиќ, една од водечките македонски експерти за јавни политики, поранешна пратеничка од СДСМ и генерална секретарка на СДММ.
13. Дарко Каевски, пратеник на СДСМ, досегашен член на ИО, поранешен претседател на СДММ.
14. Андреј Петров – поранешен генерален секретар на СДСМ, поранешен градоначалник на општина Карпош и претседател на ЗЕЛС, по професија дерматолог, доцент и вонреден професор.
15. Ивона Кузмановиќ, млада но искусна наша сопартијка од Прилеп, советничка во Советот на општината.
16. Костадин Ацевски, Дипломиран инженер по електротехника, претседател на општинската организација Ѓорче Петров и поранешен пратеник.
17. Никола Рилак, младо докажано име во СДСМ, поранешен потпретседател на СДММ, член на Комисијата за спорт и член на актуелниот состав на СДСМ.
На сите избрани им го честитам изборот и верувам дека ќе го дадат својот максимум во реализација на програмата и целите на партијата.
Истовремено, на досегашнот генерален секретар, организационен секретар, на сите членови на Извршниот одбор и на досегашните потпретседатели им изразувам искрена благодарност за нивниот досегашен придонес и работа. Сите нив и натаму ги сметам за дел од нашиот тим со кој имаме обврска да реализираме многу одговорни задачи.
Првата задача која ја има новото раководство е да состави нова влада и силно да се посветиме на спроведување на владината програмата и политиките. Јас сум оптимист дека новата Влада предводена од СДСМ ќе ја избереме на средината од следниот месец, до 18 јануари.
Пред новата Влада стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија.
Јас верувам дека можеме да ги надминеме сите овие предизвици, со стабилна Влада која ќе има мандат до 2024 година.
Во моментов ја усогласуваме програмата што ќе ги содржи најдобрите проекти и предлози на СДСМ и коалициските партнери. Веднаш потоа треба се посветиме и на ефикасна реализација, бидејќи што поефикасно работиме и го почитуваме заемниот договор, постабилна ќе биде Владата.
Новата Влада ќе стави силен фокус на економијата но ефикасна реалзаиција на програмата и капиталните инвестиции. Насочени сме кон остварување двојно повисоки стапки на економскиот раст и покачувањето на платите. Трудот на работникот мора да се цени и вреднува.
Финансиската поддршка за сите граѓани и за компаниите ќе продолжи и ќе се зголемува. Како што ќе се креираат мерките за интеревенција поврзани со енергетската криза, за заштита на здравјето и помош во услови на пандемија, така ќе се моделира и засилената финансиска поддршка.
Во периодот кој следи СДСМ ќе се менува и унапредува во секој сегмент од своето работење и делување.
Ова ќе го постигнеме преку создавање на ефикасен систем кој им служи на сите граѓани инклузивен за целото членство и за секој кој сака да помогне и поддржи напредок на нашата земја.
СДСМ ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и да создава и поддржува нови кадри. Да се потпира и вклучува луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократките вредности.
Најавувам активирање на централниот систем на комисии на СДСМ. Тие претставуваат сериозен механизам за отварање на партијата кон многу професионалци од различни области и сегменти на општеството и за нивно стручно ангажирање.
Партијата ќе биде главен креатор на квалитетни политики и поддршка на институциите. Секое нејзино тело од месните одбори па се до највисоките органи ќе има своја јасна улога и продонес во спроведувањето на политиките. СДСМ мора и ќе биде силна, организирана, со јасно поставена партиска хиерархија доколку сакаме да постигнеме ефикасно работење.
Најавувам и дека е формиран Совет за креирање и имплементација на политики. Овој совет како помошно тело за поддршка на Претседателот на СДСМ и органите на Партијата, треба да ги интегрира и мобилизира целиот човечки капитал во и надвор од партијата. Ова советодавно тело ќе креира политики и стратегии, но и ќе ја следи и забрзува имплементацијата и реалзиацијата на проектите. За претседател на Советот е избран професор-доктор Игор Ивановски, поранешен пратеник, поранешен претседател на СДММ, потпретседател на СДСМ и генерален секретар на СДСМ.
Понатаму, започнуваме процес на целосно отфрлање на внатрепартискиот клиентелизам. Ова е предизвик на кој СДСМ сериозно ќе работи и ќе биде предводник во отфрлање на клиентелизмот во секој сегмент од општественото работење.
Одлики на новото раководство ќе бидат: Одговорност, ефикасност во спроведување на ветеното, чесно работење и отчетност. Со личен пример да покажеме што значи правна држава, а не само со реформи и нови закони.
Во периодот кој следи суштински го менуваме курсот во делот на комуникација со граѓаните и членството. СДСМ е партија која мора да биде многу поприсутна меѓу граѓаните. Секој функционер, секој партиски активист ќе биде присутен меѓу оние кои му ја дале довербата. Само така ќе бидеме во постојан контакт со реалните проблеми за да може да понудиме соодветни решенија и политики.
Ова се само дел од промените кои ќе се случуваат во следниот период и силно верувам дека граѓните ќе ги препознаат и поддржат.
Опозицијата се обидува и ќе се обидува постојано да ја оцрнува и да ја омаловажува нашата работа. Таа лажно ќе нè клевети за сè и сешто бидејќи тоа е нејзиниот единствен проект. Тоа е партија чија единствена цел е за реализација на своите теснопартиски и лични интереси, а власта за нив е само алатка за реализирање на овие интереси. ВМРО-ДПМНЕ за помалку од два месеци во општините каде има власт го покажа вистинското лице и ги блокираше сите проекти од интерес на граѓаните, но кои не се од нивни личен финансиски интерес.
СДСМ, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна паритја. СДСМ е партија која никогаш не бегала од одговорност. Додека другите ги ставале проблемите под тепих, ни храбро сме ги решавале. Тоа е разликата и така СДСМ ќе продолжи да работи.
За нас патриотизмот не е празен збор и само чукање во гради. Тоа не е ниту национализмот, ниту кавгата со соседите, ниту ново минато кое тие го нудат.. За нас патриотизам е да сработиме нешто за нашата земја. За нас патриотизам е да ја обезбедиме иднината на нашите деца. Патриотизам е покачувањето на платите, заштита на обесправените и храбро решавање на најгорливите проблеми во змејата. Но мора да направиме повеќе од тоа.
Мора да го вратиме чувството за правда и правичност во општеството. Мора сите да станеме почувствителни на појавите на корупција на сите нивоа и остро да реагираме на нив.
Мора да бидеме симбол на промените кои ги бараат од нас граѓаните, а со тоа да привлекуваме, а не да одбиваме. Да обединуваме околу напредокот, правичноста и одговорноста кон секој човек во општеството. Ова е СДСМ кое сите сакаат да го видат и ваков СДСМ ќе изградиме. Само вака ќе ја зголемиме поддршката меѓу граѓаните.
Секој наш потег мора да биде транспарентен и треба да бидеме способни да го образложиме јавно. Потребно ни е единство во партијата изградено врз основа на демократски договор за сите прашања.
СДСМ е партија која промовира политичка култура различна од онаа на квази-патриотите во земјава. Тоа е политичка култура на носење политики, преку соработка, дебата и разговори, а не преку омаловажување, конфликти и исклучување.
Ќе ја отвориме партијата за сите што сакаат земјава да ја видат како просперитетна и социјално праведна држава. Сите кои се залагаат таа да стане земја во која владеењето на правото ќе биде на највисоко ниво, во која младите ќе ја гледаат својата перспектива, од денес се наши пријатели и соработници.
СДСМ започнува ново поглавје во својата историја. Имаме нов тим, сила и енергија за да одговориме на сите предизвици. Очекувањата се големи и одговорноста е голема. Но, со посветена и одговорна работа, со чесно и отчентно работење верувам дека ќе ги оправдаме очекувањата и дека ќе успееме да изградиме силна, економски стабилна и сигурна земја!