Прес-конференција на СДСМ, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО ДПМНЕ мора да си поднесат оставка!
Врхушката на партијата тогаш на чело со избеганиот криминалец Никола Груевски, призна дека дејствувале како злосторничко здружување во предметот Титаник.
Цели 11 години се задржале на власт со местење избори, со заробени институции, масовно прислушување, контролиран правосуден систем, партизирана полиција и секако богатење со парите на граѓаните.
Криминалите на ВМРО ДПМНЕ не се само признание од двајца поранешни министри и генерален секретар од оваа партија. Потврда за тоа има од три судски инстанци во државата.
А за сите тие случаи има еден заеднички именител – злосторничко здружување.
Судовите во државата докажаа дека функционери од оваа партија злоупотребувале положби и се богателе со стотици илјади евра од градба на училишта (случај познат во јавноста како Табла), фалсификувале документи и местеле тендери и во РЕК каде ќарот бил 17 милиони евра (ова потврдено во случајот познат во јавноста како Труст).
Преку фирми на партиски послушници на ВМРО ДПМНЕ се затајувал и данок (докажано во случајот Тифани).
Од УБК и полицијата си направиле приватна фирма, се фалсификувале службени исправи, се уништувале службени списи од кои дел се однесувале на незаконското прислушување (потврдено во судскиот случај Тврдина 2).
Судот докажа дека партиски послушници вдомени во МВР, за набавка на службени возила на полицијата злоупотребувале службена положба и овластување, на штета на државниот буџет, на штета на парите на граѓаните, тендерите ги давале на фирми кои нуделе поскапи цени (случај познат во јавноста како Триста).
Судовите во државата ја докажаа желбата за луксуз и моќ на осудениот криминалец бегалецот Никола Груевски во случајот Тенк.
Почитувани,
Белиот дворец сведочи за едно мрачно време, за криминал за заробена држава и украдени пари од граѓаните.
Затоа немало пари за поголема минимална плата, немало пари за повисоки плати, за повисоки пензии.
И затоа Христијан Мицкоски и целото раководство треба да се извинат, да поднесат оставки и да побараат враќање на парите.
Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО ДПМНЕ не можат да избегаат од вистината и политичката одговорност.
Не, оваа партија не е реформирана, тоа е истата ВМРО-ДПМНЕ, се уште под контрола на бегалецот Груевски.