Изјава за медиуми на Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје
Почитувани,
Данела Арсовска синоќа потврди дека Христијан Мицкоски бил вклучен во преговорите за набавка на автобуси за Град Скопје.
Арсовска не одговори кој го овластил Мицкоски и во кое својство тој преговара за јавна набавка за Град Скопје која треба да се плати од парите на скопјани.
Арсовска не кажа ниту дали поради овие активности на Мицкоски таа го стопираше проектот Бас рапид транзит и се откажа од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.
Сето ова се причини за надлежните институции да постапат и да го истражат овој случај за кој постојат основани сомневања за незаконско постапување.
Денеска, ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата, по допрен глас да поведе постапка за овој случај.
Мора да се истражат сите околности за да се спречи евентуална нова незаконска набавка.
Ова е особено важно, затоа што и претходно имаше слична ваква набавка на кинески автобуси за кој беше покренат судски процес а вчера се случија и првите признанија и пресуди.
Очекуваме Државната комисија да постапи по овој случај и навремено да ја извести јавноста.