Одговор на новинарско прашање на претседател на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски
Интегрален текст:
Ковачевски: “Првин ние сме сведоци на уште една потврда за тоа како функционира градот Скопје после она што го слушнавме вчера во медиумите, како градоначалникот избран од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ комуницираат помеѓу себе, тој начин на комуникација и таков начин на однос само покажува зошто 11 години државата ни беше заглавена, зошто државата 11 години беше на сите рангирања на светските независни институти за рангирање на демократијата во државите оценета како заробена држава и истото тоа со истите луѓе се потврди во градот Скопје за само една година дека на исти начин функционираат, со претења, уцени, со најпогрдни зборови помеѓу себе, како што тоа го видовме вчера помеѓу градоначалникот од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и сите кои што управуваат со градот Скопје.
Јас им се заблагодарив на приватните превозници тука на прес-конференција што ги ослободија улиците и ги вратија улиците на скопјани на кои што им припаѓаат, бидејќи тие улици се изградени од граѓаните на градот Скопје. Тие улици се правени со буџетски пари, било на државата, било на градот Скопје и кажав дека ќе свикам состанок на кој што треба да се информираме како Влада за каков проблем се работи помеѓу приватните превозници и ЈСП и градот Скопје, бидејќи Владата нема никаква надлежност во организирањето на јавниот превоз во градот Скопје, не постои начин и надлежност државата да може да учествува. Дополнително на тоа што овде се работи за доверителски односи, за деловни односи помеѓу приватни превозници и ЈСП кое што е во надлежност на градот Скопје, град Скопје управуван од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалник избран од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Управен одбор, Надзорни одбори и директори избрани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа како Влада идната недела ќе соберем информации за да можеме да се информираме за каков проблем се работи и ќе бидат повикани сите три страни од градот Скопје. Јас не знам кој ги претставува во моментов бидејќи и таму кога ќе има совет, седница на совет на град Скопје секогаш завршува со крадење на микрофони помеѓу себе и со кавги и на крајот сите доаѓаат во Владата за да Владата ги реши проблемите.
Јас сум кажал секаде каде што Владата може да помогне, во било која општина, без разлика од која политичка партија доаѓа градоначалникот ние имаме обврска тоа да го направиме во рамки на можностите и во рамки на надлежностите кои што Владата ги има. Таков состанок очекувам да се случи и на него прво се информираме за каков проблем се работи, бидејќи ние не знаеме во моментов за каков проблем се работи помеѓу приватните превозници, ЈСП и градот Скопје.“