Прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Во името на пратеничката група на СДСМ и на мнозинството упатувам благодарност за германскиот парламент, Бундестагот за усвоената Резолуција.
Добивме поддршка на европскиот пат, потврда и признание на македонскиот јазик, култура, идентитет и посебност.
Во усвоената Резолуција поддржана од сестринската партија на СДСМ – СДП и од страна на Либералите и Зелените јасно стои: (цитирам)
„Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик. Во Европската Унија, која се карактеризира со голема разновидност на јазици и култури, јазиците се составен дел од нашето заедничко културно наследство.“
Јазичната разноликост се практикува во повеќејазичноста на програмите и во работата на институциите. Македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа разноликост. Европската Унија го смета зачувувањето и заштитата на ова богатство како една од нејзините најважни задачи“
Јасна, силна и моќна порака за исправноста на патот по којшто се движиме, за исправноста на политиките на Ковачевски, на СДСМ и на парламентарното мнозинство и за поддршката за продолжување на европскиот пат.
Дополнително ова е почит кон нас како народ со сета своја посебност, кој има направено многу досега за европските вредности.
Јавноста многу добро знае чија заслуга е Резолуцијата во германскиот Бундестаг. За жал ДПМНЕ освен блокади не направија ништо ниту за македонскиот идентитет и јазик, ниту пак за оваа резолуција.
ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат за тоа. Особено што нивни сестрински партии во Бундестагот гласаа против Резолуцијата за потврда на македонскиот јазик, култура и посебност.
Зошто ДПМНЕ и Мицкоски не лобирале кај своите партии за поддршка? На ова прашање Мицкоски и пратениците од ДПМНЕ им должат одговор на македонските граѓани.