Соопштение за јавност
Филипче: Македонија заложник на туѓи агенди – ЕУ алармира на влијание од Србија, Унгарија, Русија и Кина
„Во извештајот јасно стои дека Северна Македонија е тешко погодена од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, сомнителни финансиски текови и принудни инвестициски практики – особено со потекло од Русија и Кина“, истакна на денешната прес конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Оценувајќи го извештајот на ЕУ кој го доби Македонија тој рече дека надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ ја изолираше земјава од неочекуваното застранување на македонската Влада од усогласувањето на македонската надворешна политика и онаа на ЕУ.
„Владата исто така ја изолираше Македонија која единствена се воздржа од гласање за европската резолуција за Украина. Тоа е дипломатски срам и политичка пониженост кој го нотираат сите стратешки партнери, а сега и извештајот. Јасно укажавме дека за прв пат Македонија гласа надвор од контекстот на заедничка безбедносна и надворешна политика со ЕУ. Понатаму, се говори дека Европската Унија е алармирана за улогите на Унгарија и Србија во унапредување и ширење на геополитичките цели на Русија и Кина на Балканот. Во кој контекст, во извештајот се забележува ризик од зависност од Кина преку асиметрични заеми, како што е последниот заем од Унгарија – за кој се чини дека набавен од Кина“, рече Филипче.
Според претседателот на СДСМ ВМРО- ДПМНЕ знаејќи ги овие сериозни критики од Европската Унија, ги реактуелизираше националистичките теми со цел да ги поклопи овие критики од Европската Унија.
„На ВМРО ДПМНЕ му одговара 24/7 меѓу народот и во медиумите да се полемизира за македонскиот идентитет и јазик и да се игра пинг-понг со бугарските власти – нешто што можеби им одговара и на двете страни за зацврстување на своите позиции на домашен терен“, оцени Филипче.
Според него ако до вчера единствен услов за продолжување на европскиот пат беа добрососедските односи и затворање на прашањата со соседите, сега на површина излегуваат многу посериозни теми и Македонија веќе во очите на многу држави во Европската Унија е перцепирана држава која поддржува геополитички и регионални интереси на држави како Србија, Унгарија, Русија и Кина.
Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=a75zx0LZWAM