fbpx

Шукова: 4 години разочарувања, секоја улицa секое маало сведочи за неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес-конференција на кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Граѓаните точно знаат од кого беше доведено Скопје до оваа состојба и кој е виновникот за катастрофата со која се соочува градот.

Последниве четири години со ВМРО-ДПМНЕ на власт во Скопје видовме што значи хаос, неодговорност и целосно игнорирање на интересите на граѓаните.

Видовме што значи партијата и партиските интереси да се стават пред здравјето на луѓето, видовме што значи заради политички инает да се уништи градот, претпријатијата и со тоа животот на граѓаните. Видовме како развојот на градот се кочи поради бизнис-договори и како Скопје се уништува заради партиски профит.

Никогаш нашиот град не бил толку далеку од своите граѓани. Ова се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ владее со градот. Тие го претвораат градот во свој партиски вилает за да ги спроведуваат партиските агенди. Го претворија Скопје во заложник на нивните расправии и интереси сега, а во следните четири години ќе го претворат во поле за лични и партиски профити.

Наместо да управуваат одговорно, го жртвуваа Скопје за да се пресметуваат со градоначалничката што прво ја поддржаа, а потоа ја отфрлија. Денес секој булевар, секоја улица, секое маало сведочи за нивниот неуспех. И тоа ние, Скопјани, нема да го дозволиме повторно.

Сите знаеме низ што помина градот: јавен превоз целосно уништен, ѓубре насекаде и без систем за чистење, преполни контејнери. Културно пропаѓање без дно и уништување на целиот урбан дух на градот е резултат само на ВМРО-ДПМНЕ – на никој друг.

Скопјани очекуваат решенија. Очекуваат искреност и политики што носат резултати. Очекуваат чист, уреден, културен град. Очекуваат градоначалник со визија и план, без лажни ветувања и хартиени мегапроекти.

А што нудат тие? Додека Скопје се дави во урбанистички хаос, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, отворено го брани криминалното дивоградителство во Чаир. Наместо одговорност и решение, гледаме позирање со коалициските партнери од ВЛЕН – истите што го создадоа овој урбанистички хаос.

Иста е сликата и во Кисела Вода под водство на Ѓорѓиевски: сомнителни тендери, исчезнато зеленило, планови креирани за бизнис-елити, а не за граѓани.

Скопје не може да поднесе уште еден градоначалник кој ќе работи за профитот на владејачката елита. Тој модел мора да биде поразен на изборите. Нашиот град е за живеење, а не партиска каса за богатење.

Затоа, по 19 октомври, Скопје мора да добие вистинска промена. Промена што значи грижа за сите граѓани, а не за партиите. Скопје мора да добие градоначалник кој нема да дели, туку ќе обединува, кој нема да фаворизира елити, туку ќе работи исклучиво за својот град.

Последни вести