Соопштение за јавност
Филипче: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го блокираа и доведоа во хаос Скопје, а сега се правдаат
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, денеска од Аеродром изјави дека премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го доведоа Скопје до пропаст и го оставија главниот град во државата да тоне во хаос.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со својата неспособност и себичност ги оставија скопјани да тонат во ѓубре и хаос. Градот е вратен назад во развојот. Четири години, Мицкоски и неговата партија го блокираат Град Скопје, а денес се обидуваат да се оправдаат“, рече Филипче.
Во изјавата тој посочи дека за тоа што денес се случува со Скопје директно е одговорен Мицкоски, негова вина е што ниту една мерка и проект за главниот град не се реализираа.
„Поради пропаднатата коалиција со Арсовска и политичкиот инает, Скопје остана без клучни одлуки. По налог на Мицкоски, речиси ниедна мерка, проект или набавка во Град Скопје не беше изгласана. Ова го потврдуваа и советниците на СДСМ кои, и како опозиција, конструктивно ги поддржуваа добрите предлози. Вината е кај Мицкоски”, изјави Филипче.
И на овие локални избори како што кажа Филипче, Мицкоски го нуди Орце Ѓорѓиевски како негов партиски послушник кој ќе работи според желбите на партискиот центар.
“Скопје е пред ризик од брутална партизација од ВМРО-ДПМНЕ, доколку граѓаните не ја препознаат измамата.Затоа повикувам на масовна поддршка за Каја Шукова – докажан професионалец и работник, независна и со голем интегритет. Таа има јасни, изводливи проекти, особено во хигиената и инфраструктурата, со кои Скопје ќе го врати својот сјај”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.