Соопштение за јавност
Филипче: Мартин Костовски е фаворит во Куманово, чесен и докажан борец за граѓаните
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата на локалните избори од кандидатот за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски, изјави дека граѓаните веќе ја препознаваат разликата меѓу чесни и професионални луѓе и оние што се грижат само за лични интереси.
„Граѓаните веќе еднаш беа излажани, но сега тоа нема да го дозволат. Мартин е еден од фаворитите за победа во Куманово, тоа ни го потврдуваат и последните истражувања. Тој има одличен прием кај граѓаните – градски човек кој може да влезе насекаде, чесен, без дамка во неговата работа. На секоја функција ја вршел својата работа професионално и во интерес на граѓаните“, изјави Филипче.
Тој додаде дека Максим Димитриевски го изгубил кредибилитетот, со тоа што наместо да се бори против криминалот и корупцијата, „седна во скутот на власта и ги поддржува сите политики на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Куманово не заслужува уште еден мандат на Димитриевски, а Мартин Костовски е вистинскиот избор за граѓаните – чесен човек, професионалец, фаворит за победа и човек со визија за модерно и европско Куманово. Јас лично ја преземам одговорноста пред граѓаните дека и како градоначалник ќе остане ист – чесен и посветен на интересите на Куманово“, порача лидерот на СДСМ, д-р Филипче.