Шукова: За чист воздух во Скопје потребни се синхронизирани и одлучни мерки во сите сектори од затоплување до јавен превоз и зеленило

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, на дебата на ТВ24 ја нагласи итната потреба од сеопфатна и координирана акција за справување со загадувањето на воздухот во главниот град.

„Идентификувани се изворите на загадување и на ниво на Град Скопје и на ниво на држава. Потребна е интервенција во многу сектори: начинот на затоплување, јавниот превоз, управувањето со отпадот и одржувањето на зеленилото, кое со години е запоставено,“ истакна Шукова.

Таа нагласи дека е подготвен план со мерки на краток, среден и долг рок, и дека дел од нив можат веднаш да започнат, со брз ефект.

„Има мерки што може многу бргу да се реализираат, како што е БРТ системот којшто директно ќе го намали делот на загадување предизвикано од сообраќајот. Или, на пример, проектот за 15 нови паркови за 15 месеци како мерка што ќе придонесе и за квалитетен воздух и за подобар урбан живот“, истакна Шукова.

На реплика поврзана со индустриските загадувачи, конкретно цементарницата и „Усје“, Шукова рече:

„Постои катастар на загадувачи на Град Скопје. Сите се идентификувани, мерките се веќе поставени во градските и државните документи потребна е само нивна имплементација. Имаме доволно планови, време е за акција.“

Во однос на причините зошто досега не се спроведени овие мерки, Шукова укажа на неколку клучни проблеми:

„Пред сè, поради слабите капацитети на општините, честопати и поради недостаток на финансиски средства. Интервенциите во животната средина бараат сериозен буџет. Но има и друг проблем, несоработка меѓу Градот и општините. Тоа мора да се надмине. Државата е тука да помогне преку стратегии, поддршка и идентификација на загадувачи – но големиот дел од реализацијата останува на локалната самоуправа.“

Како идна градоначалничка, Шукова вети дека ќе воспостави функционален систем за координација меѓу градот, општините и централната власт, со цел Скопје конечно да добие чист воздух, одржливо зеленило и модерен јавен превоз.