Соопштение за јавност
„Неготино денес е пример за тоа што значи кога власта ќе се оттргне од народот. ВМРО-ДПМНЕ за овие четири години ја претвори општина Неготино во сервис за лични и партиски интереси, а граѓаните целосно ги заборави“, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Неготино.
Филипче истакна дека преку тендерски шеми и фирми блиски до власта, милионски суми завршуваат во нечии џебови, а народот плаќа повисоки сметки за вода, смет и комуналии.
„Во 2023 година, комуналните услуги беа поскапени за цели 100 проценти – двојно повисоки сметки, а никакво подобрување“, рече Филипче.
Тој нагласи дека билансот на четиригодишното владеење на ДПМНЕ се поскапи сметки, има тендерски зделки и има градоначалник што бега од одговорност, што беше на пат кога гореше Серта и изгореа повеќе од 1.000 хектари.
„Оваа општина е рекордер по трошење пари за привремени вработувања, а по транспарентност е на срамното 80-то место во државата. Има ли поголем доказ за недомаќинско и криминално работење од тоа што општината е една од најнетранспарентните во државата?“, порача Претседателот на СДСМ, Венко Филипче од Неготино.