Соопштение за јавност
Филипче: Во програмата на Бузлевски никој не е заборавен, со него Ресен повторно ќе се развива
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на граѓанскиот собир „Се бориме за нашиот дом“ во Ресен ги повика граѓаните на 19 октомври да го дадат својот глас за Александар Бузлевски и советничкиот тим предводен од Борче Ристевски, кои со својата работа ќе го направат Ресен функционална, средена, чиста, модерна општина со можности за младите.
„Го слушнавте планот и програмата на Александар, ги слушнавте проектите кои ќе го вратат Ресен на патот на развојот, проекти кои се реални, а не празни зборови и проекти кои го подобруваат животот на сите. Не заборавил Александар ниту едно семејство, ниту едно маало, ниту едно населено место. Во неговата визија за Ресен никој не е заборавен и секој ќе ги почувствува резултатите од неговата работа“, нагласи Филипче.
Во своето обраќање, Филипче истакна дека Александар Бузлевски е човек израснат меѓу Ресенчани, кој најдобро ги разбира и со нив ја дели истата љубов и болка за Преспа и заедно ќе градат силен и достоинствен Ресен, град во кој секој сака да остане.
„Време е за работа, проекти и одговорност во Ресен. Време е да започнеме ново поглавје за Ресен. Затоа вечерва од бисерот на Преспа праќаме порака: Ресенчани се борат за својот дом, Ресенчани се борат за своето семејство, се борат за развој и перспектива на Ресен! Во недела, на 19 октомври да покажеме дека вистинската сила не е во паролите, туку во делата. И дека токму од овде, од Преспа, може да почне новата страница на достоинство и надеж“, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче од Ресен.
https://www.facebook.com/watch/live/?ref=watch_permalink&v=1746408609358433