Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ Зоран Заев придружуван од генералниот секретар на СДСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и членот на Извршниот одбор Едмонд Адеми попладнето се сретна со поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ.
Претседателот Заев доби јасна поддршка од Месиќ за напорите во Македонија да се организираат фер и демократски избори.
Претседателот на СДСМ категорично соопшти дека во Македонија мора да има предвремени избори и дека тие ќе се спроведат кога ќе се исполнат условите да бидат регуларни.
-СДСМ и граѓаните стојат на браникот на слободната волја. Во Македонија ќе има само регуларни избори и правдата доаѓа. Tоа е реалноста. Никола Груевски и соработниците посакуваат да е поинаку, бараат спас, но ништо не е како порано. Правната држава ќе профункционира, тоа никој не може да го спречи, а на следните избори ќе одлучуваат граѓаните, категорично соопшти претседателот Заев.
Тој ги објасни заложбите на СДСМ за обнова на демократските процеси во Македонија, како и за враќање на погазениот правен поредок со одлуката за аболиција на функционери од власта кои правеле криминали.
Поранешниот претседател Месиќ пренесе дел од богатото хрватско искуство во прифаќањето на демократските стандарди во земјата, кои ја внесоа Република Хрватска во европското семејство, додека Македонија, која беше рамо до рамо со оваа држава, поради 10-годишната режимска власт, се соочува со изолација.
Претседателот Заев пред посетата со Месиќ имаше официјална средба со претставници на дијаспората од Македонија во Хрватска, на којашто, меѓу другото, беа разменети информации за начинот на којшто иселениците од Македонија можат да придонесат кон нормализација на демократските процеси во земјава и развојот на државата.
Скопје, 11.05.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА