fbpx

Списокот што го сокриле Арсовска Томовска и Јахија мора да се повлече

Facebook
Twitter
LinkedIn

Реакција на Кабинетот на дополнителниот заменик на министер за информатичко општество и администрација, м-р Александар Кирацовски на реакцијата од кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во МИОА

Списокот на администратори вработени во МИОА, за потребите на ДИК, еднострано ангажирани мора да се повлече и да се промени, затоа што нема потпис од дополнителниот заменик министер, Александар Кирацовски.

Министерката Арсовска Томовска и државниот секретар Јахи Јахија не смееле да преземат какво било дејствие во врска со ангажирање вработени во МИОА за потребите на ДИК, без заедничка одлука и потпис од и дополнителниот заменик министер Александар Кирацовски.

Не смее да има внесување податоци од теренската проверка на ДИК додека не се обезбеди двојната контрола при оваа постапка.

Тоа е спротивно на Договорот од Пржино според кој што Министерството за Информатичко општество и администрација, сакале кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ или не, доби дополнителен заменик министер, чија обврска е контрола на сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организација на изборите.

Тоа е спротивно и на изменетиот Закон за Влада, според којшто дополнителниот заменик министер:

– Заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа;
– Заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите;
– Секој акт или документ во смисла на Законот за Владата на Република Македонија се доставува до министерот и дополнителниот заменик министер. Министерот и дополнителниот заменик министер се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот;
– Ги има на располагање сите акти, документи и информации што му се на располагање на министерот и коишто веднаш треба да бидат доставени и до дополнителниот заменик на министерот;
– Ако актот или документот е одобрен, односно потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство!

Оттука, наместо да се оправдуваат Арсовска Томовска и Јахија, тимовите кои внесуваат податоци од теренската проверка од ДИК веднаш да бидат повлечени и да биде составен нов список, заеднички договорен.

Токму чесните и професионални административни службеници се тие кои реагираат и не сакаат да учествуваат во последните неуспешни обиди на Груевски и на Ахмети за спас од фер и регуларни избори.

Очајни се обидите на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во МИОА да се кријат зад чесните и професионални административни службеници! Фер и регуларни избори мора да има.

 

Последни вести