Соопштение за јавност
Пратеничката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јована Тренчевска, на денешните пратенички прашања, упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во кое посоли дека за две години владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека граѓаните, работниците, не им се на приоритената листа. Тренчевска нагласи дека наместо да ми се помогне на работниците и да им се обезбеди 600 евра минимална плата, власта со парите на граѓаните се луксузира. Во обраќањето Тренчевска го праша министерот Дурмиши дали не се срами како министер кој е одговорен за благосостојбата на работниците да кажува дека нема пари за 600 евра минимална плата, додека премиерот Мицкоски го користи владиниот авион за летување на Јадранско море, а работниците надвор протестираат за својот егзистенцијален минимум.
Во продолжение е интегралното обраќање на Тренчевска:
„Животот на граѓаните е сведен на преживување. Луксуз е да се живее достоинствено. Луксуз е да се наполни кошничката во маркет со основните прехранбени производи, луксуз е да се платат сметки за струја и комуналии, луксуз е да се оди на годиншен одмор.
За две години владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека граѓаните, работниците, не им се на приоритената листа.
Семејниот буџет на работникот е на минимум, а притисокот од цените расте. Ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби.
И во ова време кога синдикалната кошничка надминува 66.000 денари, кога една третина од месечните трошоци одат само за храна и пијалоци, кога родителите пресметуваат дали ќе има за струја, за школски прибор или за храна, оваа власт гледа само како повеќе да зграби од граѓаните, за да има повеќе за своите луксузи.
Зборуваме за 600 евра минимална плата за достоинствен живот на работниците, наспроти милионските криминални тендери и луксузирања на власта.
Квалитетот на животот на работниците е на дното. Владата има обврска да обезбеди достоинствени плати, а не бизнис тендери.
Парите во Буџетот ги има, и ви дадовме предлог од кои ставки да се скрати, за да се обезбеди повисока минимална плата.
Ама треба да си скратите од луксузот, од вашата комфорност на грбот на работниците.
Еве ќе ви повторам – ако скратите 20-30% само од ставките 42 и 43/6 од Буџетот, за патни трошоци, за репрезентативен материјал, за патување, службени возила итн, ќе обезбедите околу 120 милиони евра.
Ајде, покажете доблест, покажете дека се грижите за работниците. Покажете волја и минимум почит кон они кои ве гласале и благодарение на кои седите во овие удобни столчиња.
Со кое лице излегувате во јавност и кажувате дека нема пари за 600 евра минимална плата, додека видовме како министрите и премиерот се луксузира со владиниот авион врз грбот на народот.
И не само он, пола Влада се шетала со владиниот авион. Малтене како јавен превоз сте го користеле владиниот авион, само што и јавниот превоз за граѓаните е луксуз, ама тоа е друга тема.
Ова е лицемерие на дело. Да се крати од граѓаните, од земјоделците, од работниците, од младите – за да може власта да аздисува со народни пари, да троши милиони за своите удобности, додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај.
Па уште и нов авион ќе купувате, подготвени сте да дадете 300-400 милиони евра за нов авион, за нови туристички патувања и луксузирања, ама не и да ја зголемите минималната плата на 600 евра.
Жално…Немате никакво оправдување за оваа ваша неодговорност, и безобразно трошење на парите на граѓаните. Се се може кога се сака. Два пати го поднесуваме Законот за минимална плата и упорно се инаетите и не го прифаќате.Зошто? Затоа што е од СДСМ? Па сите ние сме избрани за да работиме за доброто на граѓаните.
Вашите први две години од мандадот ќе останат запаметени по криминални тендери и приватни бизниси, луксизирања, папаја, манго, пуста желба за еден нов авион.
Првите две години од мандатот на владата на СДСМ ќе останат запаметени по 300% зголемена социјална помош и зголемена минимална плата од 8.000 на 14.500 денари. Ете тоа е разликата меѓу нас, ние сочуствуваме и се грижиме за граѓаните. Вам граѓаните ви се само статистичка бројка на избори.
Моето прашање до вас, министре Дурмиши, е: Дали не се срамите како министер кој е одговорен за благосостојбата на работниците да кажувате дека нема пари за 600 евра минимална плата, додека премиерот Мицкоски го користи владиниот авион за летување на Јадранско море, а работниците надвор протестираат за својот егзистенцијален минимум?“




