Филипче: Обединување на сите Македонци ќе има само во Европската Унија

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Единствениот пат за заштита и остварување на правата на Македонците во соседните земји е членството на Македонија во Европската Унија, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Филипче повтори дека СДСМ ќе поддржи секој чекор што реално ќе ја подобри преговарачката позиција на државата и ќе го отвори патот кон полноправно членство во ЕУ.

„Што и да се направи во контекст на подобрување на нашата преговарачка позиција, ние во Собранието ќе го поддржиме. “, рече Филипче.

Тој посочи дека европската интеграција не е само прашање на економски развој и реформи, туку и начин Македонија да има посилна позиција во заштитата на правата на Македонците во соседството.

„Тоа е единствениот пат да се остварат барањата на Македонците во околните земји, како после потпишувањето на Преспанскиот договор на Македонците во Грција им е дозволено да зборуваат на македонски јазик и да пеат македонски песни. Така и на Македонците во Бугарија, само кога ќе го почнеме европскиот пат и кога ќе го финализираме, ќе бидеме земја членка на Европската Унија, ќе им се остварат сите права“, потенцираше Филипче.

Филипче додаде дека политиката на Христијан Мицкоски кон Македонците во Бугарија е лажна борба која ја држи Македонија надвор од ЕУ и со тоа ја слабее позицијата на државата.

„Ова е лажна борба за Македонците во Бугарија што ја води Христијан Мицкоски, затоа што знае дека додека сме ние надвор од Европа не сме доволно силни и не сме на масата“, рече Филипче.

Тој нагласи дека наместо изолација, на Македонија ѝ е потребна европска интеграција, бидејќи токму членството во Унијата ќе ја направи државата посилна и ќе отвори можност Македонците во регионот да ги остваруваат своите права во рамките на европските стандарди.

„Обединување на сите Македонци ќе има само во Европската Унија“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Линк до видео: