Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервјуто во емисијата „Импакт“ на телевизија Шења, обвини дека Мицкоски не знае и не сака да води мултиетничка држава, посочувајќи дека наместо да се работи на заеднички теми и подобрување на стандардот на граѓаните, повторно се отвораат прашања што создаваат поделби меѓу граѓаните.
„ Христијан Мицкоски не знае и нема чувство за тоа како се води мултиетничка држава. Гледаме како се однесува во однос на јазикот, во однос на балансерот, отвора затворени прашања, наместо да зборуваме за заедничка работа, за вистински мерит-систем, за подобрување на стандардот на граѓаните“, рече Филипче.
Филипче потенцира дека, поради провокациите на Мицкоски повторно се отвораат прашања од минатото.
„Поради провокациите на Христијан Мицкоски, ние се навраќаме и отвораме стари рани. Со што? Затоа што човекот не знае, ниту сака да води мултиетничка држава. Различните етникуми се богатство за Македонците, различна култура, различни обичаи, различни традиции, пред сè добри релации, пријателски, братски, ние немаме проблем. Само политичките партии и несовесните и лоши политичари ги отвораат тие прашања несоодветно. Христијан Мицкоски е еден таков“, кажа Филипче.
Говорејќи за јазичните прашања, Филипче порача дека треба да се почитуваат правата на сите граѓани и дека јазикот не треба да биде причина за нови поделби.
„Треба да престанеме да зборуваме за тоа кој каков јазик зборува, каде зборува и сè. Секој треба да ги користи своите права. Ние не треба да зборуваме повеќе за јазикот на кој што зборуваме. Дајте да зборуваме за економски напредок на државата. Секој еден човек кој што знае повеќе јазици може да биде само поспособен за работа, да заработува повеќе и да живее подобро. Ние за тоа треба да зборуваме. Но, оваа влада нема желба, ниту визија, ниту знае. Христијан не знае како се води мултиетничка држава. Не ги почитува различностите, нема култура на дијалог“, кажа Филипче.
Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=0bI7I2XQnDI



