Соопштение за јавност
Мицкоски ја блокира Европа затоа што се плаши од европски обвинители, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју во емисијата „Импакт“ на телевизија Шења.
Филипче посочи дека Мицкоски го блокира европскиот пат на државата затоа што не сака европска контрола и европско обвинителство, додавајќи дека уставните измени се само изговор за одложување на евроинтеграцијата.
„Процесот на евроинтеграција е блокиран од нашата влада, од премиерот Христијан Мицкоски и од неговата банда на власт. Зошто? Поради тоа што не сакаат европско обвинителство, поради тоа што не сакаат систем, поради тоа што не сакаат да се отворат досиејата на тајната служба, на бивша Југославија, УДБА“ рече Филипче.
Тој додаде дека власта многу добро знае дека со уставните измени не се загрозуваат ниту македонскиот идентитет, ниту јазикот, туку причината е стравот од европско обвинителство, и затоа Мицкоски не сака во Европа.
„Многу добро знае и Мицкоски и целата негова банда на власт дека со уставните измени, а тоа е чекорот кој што треба да се случи и да се направи за да се продолжат преговорите, да се отвори првиот кластер на преговори, никако не е загрозен ниту идентитетот, ниту јазик и тоа го потврди и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, тука во Скопје, отворено, јасно, велејќи – „Ве очекуваме и сте добредојдени во Европа со вашиот идентитет и со вашиот јазик“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека вистинската причина за блокадата, е тоа што власта не сака да прифати европски механизми на контрола, особено во делот на борбата против корупцијата.
„Тие луѓе едноставно не сакаат во Европа. Сакаат да пљачкаат на партиски тендери тука, без контрола, и да нема европска контрола. Не случајно претседателката Фон дер Лајен кажа дека еден од условите за приклучување кон Европската Унија на сите земји кандидати пред вклучувањето ќе биде соработката со Европското обвинителство.“ рече Филипче.
Филипче укажа дека последиците од блокираниот европски пат не се само политички, туку и економски, бидејќи наместо европски грантови, државата се задолжува со скапи кредити.
„Наместо да ги отвориме вратите кон Европа и да ни се отворат европските фондови, кои што се грантови неповратни средства, со тип на средства со кои Бугарија, Хрватска Романија, откако станале земји членки на Европската Унија, ја засилиле и ја поставиле својата инфраструктура, патишта, железници, нашата влада сака да зема скапи кредити. Тие скапи кредити, кои што можат да бидат грантови, ќе ги враќаат следните генерации.“ рече Филипче.
Линк до видео:



