Соопштение за јавност
На 15 јули граѓаните испратија јасна порака, дека државата мора да продолжи на вистинскиот пат, а на тој пат е најсигурно со СДСМ, победите на СДСМ се победи на граѓаните, победи за подобар живот на сите.
Темелите на овие победи ги поставивме уште во 2015 година, преку „Вистината за Македонија“ и најголемиот граѓански протест од 17 мај, 2015 година. Потоа се случи и Шарената револуција, најмасовната и најразнолика форма на граѓански, слободарски отпор против режимот. Во 2016 заедно со сите граѓани урнавме режим!
Месеци подоцна, по неуспехот на режимот да спречи демократски промени и неуспешниот државен удар на 27 април, ја добивме честа и одговорноста да формираме демократска влада. Заедно со граѓаните ја вративме слободата и демократијата.
Убедливо победивме на локалните избори во 2017, во над 50 општини ширум земјава.
Во 2018 година над 610.000 граѓани гласаа ЗА членство во НАТО и ЕУ, ЗА договорот од Преспа, за да одиме напред.
На изборите во 2019 година Северна Македонија доби Претседател, дефиниран и предложен од СДСМ, поддржан од многу политички партии, од сите етнички заедници на државата. Тоа го може СДСМ, тоа СДСМ го прави најдобро, обединува, води напред. И повторно победа, како јасна потврда на курсот по кој ја водиме земјата, како верификација на нашите јасни евроатлантски и демократски определби.
Победивме на парламентарните избори оваа година, на 15 јули и денес, ја имаме честа и одговорноста да продолжиме да ги предводиме институциите, да работиме во интерес на граѓаните и државата.