Соопштение за јавност
Намерата на владата е да се обезбедат најквалитетните вакцини, кои врз основа на испитувањата имаат голем процент на ефикасност против ковид 19, истакна пратеникот на СДСМ Ненад Коциќ во емисијата 24 анализа на ТВ24.
Тој додаде дека логично е вакцините да стасаат најпрвин од Србија, зошто претставништвото на Фајзер е во Белград и нагласи дека следната недела ќе пристигнат кинеските вакцини.
Процесот на вакцинирање може да започне, но не треба да добиваме погрешен впечаток дека ако се вакцинираме проблемот е решен, секако се додека не се постигне колективен имунитет на сила остануваат сите превентивни мерки за заштита од ковид19, истакна Коциќ.
Опозицијата деструктивно и неодговорно се однесува во пандемијата, претпладне се жалеа дека нема мерки, а попладне масовно ги кршеа, а сите мерки што беа преземени се препорачани од СЗО, истакна Коциќ, додавајќи дека битката на опозицијата да ќари политички поени не сопира ниту сега, а ширењето на лаги и невистини, од страна на опозицијата, плукањето по здравствените работници и слично, не може да и донесе добро на државата.
Коциќ додаде дека опозицијата прави опструкции и во парламентот, каде нивните пратеници доаѓаат и се потпишуваат а не се присутни на седници.
Не знам дали има друга професија во државата, каде може работникот да дојде да си земе дневница и патни трошоци и да оди на ручек, рече Коциќ.
Тенденцијата да се шири негативна енергија, да се одрекува се што се прави од страна на опозицијата се гледа и кај пописот, рече Коциќ, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не знае како се прави попис, имаше 11 години да направи попис, потроши милиони евра, а не направи попис.
Тој додаде дека ние сме единствена држава во светот што остана без попис, а сега опозицијата повторно бара да се одложи и го негираат пописот, кој не е ни почнат.
Ние имаме за цел во моментот да дознаеме колку луѓе живеат во државата, дајте да ги оставиме политиките настрана, да ја направиме еднаш оваа статистичка операција, да ги оставиме професионалците од заводот за статистика да си ја завршат работата и квалитетно да ги планираме политиките во иднина, повика пратеникот на СДСМ Ненад Коциќ.