Реакција на прес-конференција на Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ е толку забегана во своите конструкции што почна ја обвинува СДСМ за работи направени токму од опозицијата во белата палата.
Деновиве Наум Стоилковски, портпаролот на опозициската партија, истури обвинувања на сметка на скопскиот градоначалник Петре Шилегов за склучен договор за снимање со дрон, а не кажа дека поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, додека бил на чело на Градот склучил договор за истата работа со истата компанија.
Нема ВМРО-ДПМНЕ што да каже за работата на Шилегов, кога Скопје и во услови на пандемија насекаде се гради, уредува, унапредува и подобрува, па затоа ќе се обидува да измислува лажни скандали и конструкции.
Во Скопје во изминатите 3,5 години, меѓудругото се завршени четири нови булевари, реконструиран е цел клинички центар и изградена монтажната болница и се завршува мостот на Вардар во Аеродром.
Секоја година се градат десетици километри нови велопатеки, се подигаат илјадници метри квадратни нови зелени површини и истовремено се уредуваат запуштени јавни простори, десетици нови дрвореди, се подигаат зелени кровови, се пробива и расчистува кејот на Вардар низ градот се движат 33 нови МАН автобуси на гас, а загадувањето на воздухот во Скопје бележи континуиран пад.
ВМРО-ДПМНЕ во време на нивното режимско владеење потрошија стотици милиони евра, пари на граѓаните, за споменици, лажен барок, палми, лавови и жални врби, го претворија Скопје во град од бетон и стиропор.
Наместо своите деструкции, измислици и манипулации, ВМРО-ДПМНЕ може само да учи од градската власт предводена од СДСМ и градоначалникот Петре Шилегов, како изгледа вистинска грижа за градот Скопје и неговите жители.