Соопштение за јавност
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
Пред две години, на 17 јуни, на неколку километри од тука, на грчката страна на Преспа презедовме одговорност и напишавме историја.
Наша одговорност беше да го решиме отвореното прашање кое ја загрозува иднината на нашата држава. Ја презедовме одговорноста – го решивме спорот, постигнавме Договор со Грција.
Наша одговорност и света должност беше да го зачуваме идентитетот македонски. Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме.
Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишаа во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа.
Го направивме изборот. Избравме иднина, наместо неизвесна и бесмислена изолација во која не втурна бесмислената политика на режимското владеење.
Презедовме одговорност која никој не ја презеде речиси три децении.
Генералниот секретар на Обединети Нации Гутереш, го вброи Преспанскиот Договор како едно од најголемите дипломатски постигнувања во целиот свет, а најголемите светски лидери ни оддадоа признание за консолидацијата на Балканот и за нашиот придонес за стабилноста и развојот на нашиот регион.
Покажавме дипломатска доблест, храброст, достоинство и политички став.
Тоа се вредности на современата политика. Тоа се вредности на НАТО и ЕУ, и тоа беа последните чекори до полноправното членство во НАТО, и до рамката за преговори за членство во ЕУ.
Почитувани,
Нашата земја помина низ многу крстопати и во клучните моменти, секогаш избираше иднина.
Денес сме горди на Илинден, на АСНОМ и на Референдумот од 1991 година, како најважни историски моменти од борбата за нашата независност и државност. Избравме самостојност, мир и стабилност. Избравме да бидеме дел од демократскиот свет за да создадеме можности за подобар живот за нашите деца. Како резултат на тоа, денес имаме горди граѓани и држава која е на вистинскиот пат.
Сега треба да го направиме следниот чекор.
Да организираме избори, да избереме Парламент и Влада кои ќе го задржат исправниот курс и да ја надминеме корона кризата. И во време на здравствена и економска криза, да продолжиме по патот кој обезбедува подобар живот, повисок стандард, посигурни граници и припадност кон семејство од нации ориентирани кон иднината.
Дозволете ми да им се заблагодарам на организаторите на овој настан.
Во меѓународната политика Преспа станува синоним за успехот на дипломатијата и дијалогот, а за нас дома тоа е Договорот кој го потврди македонскиот идентитет.
Затоа е сосема природна и соодветна иницијативата овде во Љубојно да се отвори Центар за промоција на македонскиот јазик во просторите на старото училиште. Ова заслужува поддршка заедно со сите иницијативи што последните две години доаѓаат од Преспа како тромеѓа на народи што взаемно се почитуваат.
Kако што бев горд минатата година, кога ја предводев Владата на РСМ што го востанови 5 мај како Ден на македонскиот јазик (во чест на Решението на Народната влада на тогашната Федерална Македонија од 1945 г. за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, и озаконоувањето на првиот правопис на македонски јазик), така сум горд и денес што сум дел од овој прекрасен настан , како подржувач на иницијативата за основање на Музеј на македонски јазик.
Македонскиот јазик е нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина…..нашето вчера, денес и утре…Македонскиот јазик е нашата насушна потреба, како лебот што го јадеме и како водата што ја пиеме…
Се дури постојат Македонци кои чекорат по оваа наша земја, но и по други земји од светот, ќе постои македонскиот јазик. Аналогно на тоа, се дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците.
Македонскиот јазик, тоа е мојот јазик, јазикот со кој сум растел и сум се школувал, јазикот со кој ќе продолжам да живеам се до моето заминување од овој свет… тоа е јазикот на моите родители, јазикот на мојата мајка учителка (сега веќе во пензија) која на тој јазик образувала и воспитувала генерации и генерации ученици….тоа е јазикот на моите деца…Тоа е јазикот на сите македонски деца, на нивните мајки и татковци на нивните баби и дедовци, без разлика дали живеат во својата татковина или на кој било дел од светските меридијани. Тоа е јазикот на кој се напишани лични документи, свидетелства и дипломи, тоа е јазикот од надгробните плочи на оние кои не се повеќе меѓу нас.
Се надевам дека еден убав ден мојот сон ќе стане јаве, и дека ќе успееме конечно, ние македонските политичари, да се разбереме на убав македонски јазик. И дека некои од оние кои упорно не сакаат да се разберат ќе ја сфатат својата грешка, дека Блаже Коневски не е “џуџето од Небрегово“, како што го нарекуваат, туку најзаслужниот за кодификацијата и стандардизацијата на македонскиот јазик. И дека не смее да се случи повторно Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ да биде маргинализиран, како што беше во времето на нивното владеење. Се надевам исто така, дека ќе ги пронајдеме најубавите зборови од македонскиот јазик како што се „разбирање“, „единство“, „помирување“, а не најлошите со кои се отуѓуваме, разединуваме и ја продлабочуваме поделбата.
Особено сум радосен што овој убав настан се случува во селото со преубаво име- Љубојно. Името Љубојно доаѓа од љубов, па нека се знае дека сето ова што денес се случува е од љубов кон татковината и од љубов кон македонскиот јазик.