fbpx

Попов од Центар: На 17 октомври ќе победи „Најдоброто“, за модерен Центар како што го личи

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Организацискиот секретар на СДСМ Мартин Попов, на денешната промоција на кандидатот за градоначалник и на советничката листа за Општина Центар на СДСМ и Коалицијата истакна дека СДСМ на овие локални избори, излегува со најдобрата кадровска понуда, со најдобрата програма.

Во овие четири години покажавме што значи вистинска грижа за секој еден граѓанин, без разлика на која категорија припаѓа, инвестиравме подеднакво насекаде, помогнавме на секого, истакна Попов, додавајќи дека СДСМ работи посветено, одговорно и отчетно, за интересите на граѓаните и на државата.

Тој истакна дека општините пред 4 години беа затекнати во долгови, опустошени, со помош на централната власт беа раздолжени.

„Обезбедивме и дополнителни 500 милиони евра за нови проекти на локално ниво, и во изминатите 4 години се реализирани 7.000 проекти во сите општини“, нагласи Попов, наведувајќи дел од проектите реализирани во Центар, како реконструкцијата на булеварите „Димитрија Чуповски“, „11 октомври“, „Кочо Рацин“, улиците „Лазар Личеновски“, „Бихаќка“, „Црниче“, „Никола Карев“, „Васил Ѓоргов“.

„Тротоарите сега се за пешаците, пробивме нови велосипедски патеки и подигнавме нови зелени површини, тука е Новиот парк „Ибни Пајко“, двата нови зелени покриви, на ГТЦ и на Домот на градежници, како и новиот памптрак полигон кај Олимписки, Кејот „13 Ноември“ доби нов лик, стана најубаво шеталиште, се реконструира Универзална сала“, наведе Попов.

Тој нагласи дека на една страна е „Најдоброто за мојата општина“, а на другата демне огромна неизвесност, ризик, опасност и закана.

„Вие Центарци сте најпрогресивните, вие му одржавте лекција на Груевски, кога беше најсилен, вие знаете да направите разлика и да го поддржите концептот на СДСМ и седми пат по ред да го казните ВМРО-ДПМНЕ“, нагласи Попов.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е со истите луѓе како во режимот, 2/3 од нив се обвинети за криминал и корупција, а се обидуваат да ги претстават како нови луѓе.

„Немаат тие кандидат ни за Град Скопје, ни за Центар, поддржуваат наводно независни кандидати. Затоа што знаат дека ќе изгубат, па уште од сега си бараат алиби за поразот“, нагласи Попов.

Тој ги повика граѓаните на 17 октомври масовно да ја дадат својата поддршка за кандидатот за градоначалник на Центар Горан Герасимовски, и за советничката листа предводена од Андријана Будимир Филиповски, како и на старо новиот градоначалник на градот Скопје Петре Шилегов и листата за градот Скопје на СДСМ и Коалицијата.

„На 17 октомври ќе победиме, за модерен Центар како што го личи, за новите проекти во Градот Скопје“, повика организацискиот секретар на СДСМ Мартин Попов.

Последни вести