Соопштение за јавност
Енергетската трансформација дава резултат, за само 10 месеци веќе имаме 141 мегават инсталиран капацитет, што во нашата историја се нема досега случено, а до крајот на мандатот ќе имаме речиси 300 мегавати инсталиран електричен капацитет, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во Скопје.
-Особено сум горд што конечно, по децении стоење во место, не само што ја започнавме, туку интензивно, секојдневно и динамично ја остваруваме енергетската трансформација на државата! Јас би рекол енергетската револуција! Во историјата на нашата татковина се нема случено да во 10 кратки месеци, имаме инсталиран капацитет од 141 мегавати, и тоа 98 мегавати фотоволтаици, 37 мегавати ветер, 4 мегавати мали хидроелектрани и 2 мегавати биогас, рече Ковачевски.
Тој најави дека до крајот на мандатот на Владата којшто ја предводи во земјава ќе има речиси 300 мегавати инсталиран капацитет.
-До крајот на овој мандат, ние ќе имаме речиси 300 мегавати инсталиран капацитет, практично половина од годишното производство на РЕК Битола, или пак ако веќе споредуваме, тоа е неколку пати поголем инсталиран капацитет од сите досегашни инвестиции изминативе три децении. Е тоа е успех, така се сака својата држава!, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во преполната сала Борис Трајковски каде што вечерва се одржува централната, национална трибина „Силно и одлучно кон иднината“.