Соопштение за јавност
Во рамките на третата од серијалот тематски трибини на СДСМ „Резултати што прават разлика“, на тема „Континуирана грижа за вас“ што се одржа денеска во Кавадарци пред присутните се обратија и претседателката на Комисија за труд и социјална политика СДСМ Елена Устамитова и директорката на државниот инспекторат за труд Весна Томовска.
Нашите политики обезбедуваат подобар квалитет на живот и унапредување на стандардот на сите граѓани, истакна претседателката на Комисија за труд и социјална политика СДСМ Елена Устамитова, која во своето обраќање акцент стави на полето на детската заштита и инвестирањето во раниот детски развој.
Устамитова нагласи дека од претходната власт беа затекнати објекти недопрени со години, детски градинки оставени на забот на времето, играчки, игри и игровни активности кои не придонесуваат за напредок на децата, запуштени дворови со руинирани реквизити.
Со гордост и без лажна скромност мора да ги посочиме фактите и бројките кои се доказ и показ за нашето работење, а пред фактите и боговите молчат. Во изминатите години изградивме и опремивме 79 градинки, со зголемен капацитет за 5375 деца, продолжуваме понатаму со нови 11 објекти до крајот на оваа година, истакна Устамитова, додавајќи дека СДСМ чекори храбро и одлучно кон ЕУ и во таа насока се заложбите згриженоста на деца во предучилишното воспитание и образование до 2030 година да биде 96%, согласно европската иницијатива.
За заштитата на правата на работниците од една страна и почитување на законските одредби од работодавачите од друга страна, пред присутните зборуваше директорката на државниот инстекторат за труд Весна Томовска.
Томовска рече дека во 2019 година репресијата беше заменета со превенција и беа направени измени во законската регулатива за отстранување на репресивните мерки на претходната власт, со што се создаде подобра деловна клима и поголема правна сигурност за страните во работните процеси, која резултира со намалување на претставките за прекршувања на одредени работнички права.
Оваа Влада е социјалдемократска и во нејзините политики работникот и неговите права се висок приоритет, порача Томовска, од трибината на СДСМ „Резултати што прават разлика“.
Во кусо обраќање пратеничката од СДСМ Даниела Колева посочи дека со изградбата на новите градинки од страна на Владата предводена од СДСМ во изминатите шест години, денеска во Кавадарци веќе нема ниту едно дете на списокот за чекање за упис во градинка.
Пратеничката Даниела Николова се осврна на измените на Законот за работни односи со кои максималниот период на вработување на определено време од пет ќе се скрати на најмногу две години што позитивно ќе влијае на економската сигурност на илјадници вработени лица кои сега работат на определено време.