Соопштение за јавност
Претседателот Димитар Ковачевски во интервју за МИА истакна дека за СДСМ државниот интерес, бил и останува врвен приоритет.
„Нема потреба да толкуваме дефиниции за единство. Доколку некој е искрен пред граѓаните ќе направи се за да се обезбеди европската иднина на земјата, на идните генерации. И обратно, доколку не е искрен ќе бара изговори, ќе се вади на дефиниции, ќе калкулира. Ние не калкулираме, државниот интерес е наша водилка и подготвени сме, ќе направиме се европска Македонија, горда и достоинствена членка на ЕУ до 2030 година да биде реалност на целиот наш народ, за сите наши граѓани“ посочи Ковачевски.
Претседателот Ковачевски повика на обединување и подготвеност за носење на државнички одлуки на секој еден кој и мисли добро на државата.
„Ние имаме обврска да им оставиме на идните генерации европска Македонија, не треба да се калкулира со следните чекори, треба да се донесе одлука и да се продолжи државата на европскиот пат. Само на тој пат ние ќе си го зачуваме она што го имаме во однос на историскиот, културниот и јазичниот идентитет, само на тој начин ќе си ги зајакнеме позиците кон меѓународната заедница и партнерите и воедно ќе ја подобриме сегашната состојба. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат големи достигнувања, заслужуваат европски стандард и подобар живот, заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, нашата алтернатива е ЕУ. Ова е суштината. Нашата сила е во обединувањето и секој што и мисли добро на оваа земја треба да биде подготвен за заеднички државнички одлуки“ заклучи Ковачевски.