Соопштение за јавност
СДСМ се докажа како грижлив сојузник на граѓаните, ранливите, земјоделците, компаниите, во услови на огромни светски кризи ги зголемивме платите, пензиите, помошта за граѓаните, вели во интервју за неделникот Фокус, заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска.
-СДСМ се докажа како грижлив сојузник на граѓаните, ранливите, земјоделците, компаниите, и тоа во услови на огромни светски кризи: пандемиска, енергетска и економска. Требаше да се задржат работните места, да се преживее и да се истрае. Ако на тоа се додаде во каква состојба ја затекнавме државата во 2017 година и по економски параметри, тогаш јасно е колкав огромен напор е вложен од оваа влада за да се намалат последиците од кризите. И во такви кризни, неизвесни времиња, ги зголемивме платите, пензиите, социјалната помош. Носевме пакети на мерки финансиска помош, кои опозицијата не сакаше ни да ги гласа, наведува Лукаревска.
Секоја влада на СДСМ морало да носи тешки одлуки, не одолжувала, не ги заобиколувала, туку се соочувала со проблемите, додава таа.
-Во 2017-та наследивме исклучително специфична ситуација – кревка, ранлива, изолирана држава. И ако направиме споредба со Македонија-членка на НАТО и на чекор до ЕУ, ќе можеме да заклучиме дека оваа влада направи многу. Никогаш како политичка партија проблемите не сме ги ставале под тепих, туку сме ги решавале, па и по цена на популарноста. Ние се боревме за демократија и слобода, за транспарентност и отчетност, за слобода на изразување. И затоа критиките слободно и се слушаат, и ги сфаќаме добронамерно. Не сме совршени, има многу работи што треба да се подобрат, вели Лукаревска.
Разликите меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ се видливи. Наместо стиропор, има капитални проекти, наместо притисоци кон администрацијата, има повисоки плати. Нема затворање медиуми и редење вести. Нема ќотек за пратениците и новинарите во Собранието. Нема закани, потенцира Лукаревска во интервјуто за Фокус.
Сега работиме на новата програма на СДСМ, додава Лукаревска.
-Тоа што сме го реализирале од претходната програма, сега ни дозволува да планираме нови задачи, кои уште повеќе ќе го подигнат квалитетот на живеење, вели Сања Лукаревска, заменик претседателка на СДСМ во интервју за неделникот Фокус.