Соопштение за јавност
Во денешното гостување на „Политиканти“ на Слободна ТВ, со Борјан Јовановски и Сашо Орданоски, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски изјави дека помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, покрај останатото, има и друга разлика, а тоа е дека тие навистина носеа тешки одлуки, без штедење на нивниот политички кредит.
„Ние имавме заробена држава. Се уредуваа вести по телефон, за што цела држава можеше да слушне. Ако некој новинар излезе од тоа клише, го затвораа. Ако студенти излезат на протест, ги тепаа и по библиотеки и по плоштади и така натаму. Ниту една група од јавен интерес или на лица кои што имаат некаква друга определба од конзервативното мнозинство не смееше да протестира, ако протестираше тука на плоштад“, додава Ковачевски и посочува дека токму СДСМ ја врати демократијата во државата.
Во однос на селективноста на правдата, според Ковачевски, до 2016-та во Македонија не се ни разговарало за корупција, а доказ за неселективниот пристап е и тоа што во притвор во моментов има и функционери на актуелната влада.
„Од мене никогаш нема да чуете изјава како што може да се чуе од другите политичари, ние кога ќе дојдеме ќе правиме тоа и тоа. Не може да правиш, има систем. Постои Обвинителство, постои полиција која што идентификува криминал, постои обвинителство кое покренало обвинение и постои суд кој што суди“, вели Ковачевски.
Ковачевски додава дека за разлика од претходниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои чувале предмети по фиоки, тој никогаш не се правдал.
„Дојдов претседател на влада на 14-ти јануари, на 16-тијануари Скопје немаше парно затоа што ниту ВМРО, ниту градоначалничката што ја избраа, ги интересираше дали ќе има парно. Добро се сеќавам, беше петок или сабота. На 16-ти јануари јас морав да обезбедувам Скопје да има парно. Потоа, на 24-ти февруари започна војната во Украина, започна недостаток на суровини, започна да има галопирачки пораст на цената на електричната енергија и дури недостаток на некои енергенси и сето тоа мораше да се обезбеди“, појаснува Ковачевски, додавајќи дека како премиер, тој не можел во исто време да биде и главен обвинител и претседател на Врховен суд и претседател на Судски совет.