Соопштение за јавност
„Важно е на 8-ми мај да има што поголема излезност и поддршка за СДСМ во Собранието затоа што нема друг начин да го спречиме ВМРО ДПМНЕ повторно да го инсталира режимот кој долго време се трудевме да го урнеме“, порача претседателот на СДСМ и носител во ИЕ 1, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во Драчево, општина Кисела Вода.
Тој рече дека СДСМ мора да биде силен во Собранието за да не им дозволи на ВМРО ДПМНЕ и останатите партии да играат со европската иднина на државата и да се коцкаат со можностите за подобро и просперитетно општество за новите генерации.
„СДСМ е модерна, прогресивна партија и единствена политичка сила која може да ја однесе Македонија во Европската Унија. Достоинствено и посветено ќе продолжиме цврсто да чекориме по вистинскиот европски пат кој е единствена опција за суштинска промена во нашата држава“, истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ ги повика Христијан Мицкоски, Гордана Силјановска Давкова и Али Ахмети да престанат да се препукуваат со штетни скандирања и закани, кои никому не носат добро. „Граѓаните се свесни за вредноста на мирот и стабилноста што ги гради СДСМ, граѓаните знаат дека на сите нѝ треба европска иднина, а не враќање 20 години во закопаното минато“, рече Ковачевски.