Соопштение за јавност
ВМРО-ДПМНЕ и покрај јасната порака од граѓаните за промени и едно општество за сите, продолжува со своите политики на изолација, поделби и конфликти со што работат против интересите на граѓаните и на државата.
Измените на Законот за употреба на јазиците се во согласност со Уставот на Република Македонија и Амандманот 5 што е донесен пред 16 години. Преку овој закон ќе се унапреди употребата на сите јазици на сите заедници и ќе се стави крај на самоволието и хаосот на употребата на јазиците на немнозинските заедници. Не е точно дека ќе се воведе двојазичност на целата територија, ниту пак дека ќе се дерогира употребата и уставната положба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територија и во меѓународните односи.
Дополнително, Владата предводена од СДСМ е силно посветена да го негува и унапредува македонскиот јазик кој во последните години беше запоставен токму од владите на ВМРО-ДПМНЕ. Преку низа мерки како што се одблокирање на лекторскиот испит што е блокиран со години, преструктуирање на Семинарот за македонски јазик во Македонистички центар, формирање одбор за стандардизација на македонскиот јазик и отворање фонд за надградба и актуализација на клучни научни дела од областа на македонистиката, системски и сериозно ќе се влијае врз заштитата и унапредување на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Скопје, 16.11.2017
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА