Соопштение за јавност
СДСМ, како социјалдемократска партија високо ги почитува ставовите на синдикатите околу унапредувањето на социјалниот дијалог и работничките права, како и економскиот напредок со цел отворање работни места и повисоки плати. Поради тоа, Програмата на новата реформска Влада во најголем дел се темели на овие заеднички цели и определби, внесени во неа во широки консултации со работниците, синдикални организации, комори.
Во Програмата предвидуваме измени и дополнувања на Законот за работни односи во насока на унапредување на работничките права и во овој процес синдикатите и Економско – социјалниот совет ќе имаат клучна улога.
Воведуваме синдикално здружување и во приватните фирми, со што ќе постигнеме унапредување на работничките права и во тој сектор, нешто што до сега не функционираше.
Дополнително, во колективното договарање родовата компонента ќе биде земена во предвид со цел зголемување на спроведување на правата на двата рода подеднакво.
Ќе ја зголемиме за 100 пати државната пoддршка за домашните мали и средни претпријатија со цел отворање нови и подобро платени работни места.
За тоа, отворени сме за соработка со сите засегнати страни. Ова покажува колку се важни за СДСМ и за новата реформска Влада работничките права и развојот на економијата за квалитетен живот на сите.
Скопје, 24.05.2017
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА