Македонија е претпоследна земја во Европа по лоши здравствени резултати, а економската ситуација ги турка граѓаните во депресија. Потребни се сериозни политики во интерес на граѓаните.
Ова произлезе како заклучок од синоќешната дебата посветена на денешниот 7 април, Светскиот ден на здравјето организирана од Комисијата за здравство на СДСМ и Форум на жени на ОО на СДСМ Кисела Вода, каде што предавање на тема “Здравствено-социолошки аспекти на жените во општеството“ имаше Д-р Елена Костова, членка на Комисијата за здравство.
-Опфатот на жени со специфични услуги кон женското здравје, особено на примарно ниво, не подеднакво достапен за сите жени во Р.Македонија. Посебен проблем претставува опфатот на жените од маргинализираните групи, како жените Ромки, жените од руралните средини и жените кои живеат во неповолни социо-економски услови, рече Костова.
Таа посочи на низа други системски пропусти во здравството и општеството што доведуваат до лоши здравствни резултати.
-Според Европскиот здравствен потрошувачки индекс, Македонија во 2016 година е на 34 место по лоши здравствени резултати, од вкупно рангирани 35 европски земји. Македонија е прва во Европа по тоа што не може да се справи од мозочни удари, Македонија е втора во Европа по смртност на новороденчиња, а трета во Европа по најлоша стапка на преживување на болните од рак. Македонија е меѓу земјите со најголем процент на граѓани коишто страдаат од депресија.
На предавањето и на дебатата посебно беше обрнато внимание на депресијата на што и светот го посветува денешниот 7 април, Депресија: Ајде да зборуваме. Констатирано е дека депресијата во Македонија има тенденција на пораст поради лошите услови за живот и сиромаштијата со коишто се справуваат граѓаните, како и лагите на досегашната власт да преземе вистински мерки за заштита. Од присутните граѓани на дебатата беше побарано формирање групи за поддршка на граѓаните на кои им е потребна помош.
-Последно нешто кое што министерот во заминување Тодоров го обзнани, беше планирањето за отворање на 50-тина центри за депресија. Но тоа беше само помпезно пред камера. Околу 15-тина од нив на територијата на Р.Македонија се отворени како мали амбиланти односно згрижувачки соби, коишто би требало да имаат специјалист, но тие вистински не работат. Ние ќе отвориме вистински центри со мултидисциплинарни тимови, со психијатри, но ќе бидат вклучени и психолози, и интернисти, и социолози, да им помогнеме на граѓаните, рече Д-р Костова.
На дебатата беше констатирано дека граѓаните имаат потреба од квалитетни лекари и дека новата реформска Влада мора да безбеди нивно останување во јавното здравство и во државата. Една граѓанка сподели искуство дека најдобриот студент по Стоматологија кој ја оперирал од карцином зема 9.000 плата и дека оваа негрижа од власта во заминување мора да се исправи.
-Околу 200 лекари заминуваат од Македонија. Немаме статистики за медицинскиот персонал, ги кријат. Но, СДСМ предвиде во првите три години, до 2020 година дека ќе ја покачи платата на здравствените работници до 100.000 денари, а останатиот целокупен медицински персонал ќе има двојно поголеми плати од оние коишто ги имаат сега. Треба да се врати дигнитетот на професијата, да се врати интелектуалниот морал пред се на здравствените работници, на кои ќе им биде овозможено да работат професионално и мотивирано со пациентите и тоа со промените во Македонија ќе се случи, најави меѓу другото Д-р Елена Костова на дебатата посветена на Светскиот ден на здравјето, 7 април.