Соопштение за јавност
Спасовски до Кочовска: Дали има одлука за исплата на средства за семејствата на загинатите и повредените во Кочани?
Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, кое се однесуваше на одлуката да изврши исплати на средства од Буџетот на државата на семејствата на починатите и повредените во трагедијата во Кочани и ако има таква одлука – колку средства се исплатени на семејствата на загинатите и повредените.
Во продолжение интегрален текст на прашањето
Прво, имам реакција во однос на присуството на членовите на Владата. Имаме обврска денес, односно тие имаат обврска да бидат присутни на седницата. Имаме известување само од двајца министри дека не можат да присуствуваат и дека ќе бидат нивните заменици. Меѓутоа, гледаме и повеќе министри коишто не се присутни, ниту има заменици, за да можеме да ги поставиме пратеничките прашања.
Во однос на првото прашање, сакам да споделам неколку информации. Се однесува на настанот од Кочани – она што се случи како трагедија, во која имаме 62 загинати и над 250 повредени лица. Во овој дел, знаеме дека граѓаните покажаа сериозна солидарност – беа отворени сметки на кои се уплаќаа финансиски средства од граѓаните како помош за настраданите. Тие финансиски средства, пред сè, беа на сметките кои ги имаше отворено Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Според последното соопштение, стои дека за настраданите од пожарот во Кочани се собрани досега 156.542.967 денари, и тоа заклучно со 23.05.2025 година. Во неколку наврати, Црвениот крст има извршено исплата на погодените семејства од пожарот во Кочани. Со овие средства досега е обезбедена финансиска поддршка на семејства на починати лица во вкупен износ од 52.038.593 денари, од кои:
• за настраданите лица кои се на лекување во странство: 44.163.258 денари,
• за оние кои се лекуваат во земјава: 11.247.250 денари.
Вкупно досега исплатени: 107.449.101 денари.
Преостанати средства: 46.593.866 денари – на сметката на Црвениот крст.
Притоа, во соопштението се укажува дека сега ќе се направат консултации со надлежното министерство за да се утврди – зависно од степенот на повредите – колку финансиски средства и на кои лица и семејства ќе им бидат исплатени.
Моето прашање до министерката за финансии гласи:
Дали досега е донесена одлука да се извршени исплати на средства од Буџетот на државата на семејствата на починатите или на повредените, и ако има таква одлука – колку средства се исплатени за оваа намена?