Соопштение за јавност
Денешната дискусија посветена на проблемите на младите ја откри вистината за иселувањето на младите како еден од најголемите предизвици што ја погодува нашата држава. Во времето кога ВМРО-ДПМНЕ владееше 11 години, повеќе од 500.000 млади луѓе ја напуштија Македонија поради неможноста да ја најдат иднината тука. Политиките на тогашната власт создадоа непријателска клима за младите, со пораки дека или ќе се приклучат на партиските структури на ДПМНЕ, или нема место за нив во државата, рече Трајче Стојчевски, претседател на Социјалдемократската младина на Македонија,од трибината „Македонија понижена – една година влада на ВМРО-ДПМНЕ“.
Тој потенцираше дека и покрај ветувањата во последната изборна кампања, актуелното владеење на ВМРО-ДПМНЕ не донесе значајни решенија. Наместо тоа, видовме празна реторика и недостаток на конкретни мерки за справување со вистинските причини за иселувањето. Во изминатите 12 месеци немаше суштински напори за јавна дебата или системски политики кои ќе ги задржат младите тука.
-Од друга страна, владата предводена од СДСМ во последните седум години направи сериозен исчекор во подобрување на условите за младите. Беа реконструирани студентски домови, зголемени се стипендиите за средношколците и студентите, воведен е закон за учество на младите во политиката, а се обезбедуваат средства за локални проекти што ги поддржуваат младинските организации. Овие чекори покажуваат дека младите не се само бројка, туку инвестиција во иднината на државата, потенцираше Стојчевски.
Ако денеска гледаме како младите студенти се понижувани и буквално чекаат да бидат примени во студентските домови, владата предводена од СДСМ во претходниот мандат преку германската банка успеа да обезбеди средства со кои ќе се реконструираат тие студентски домови како потреба на студентите. Проект кој, буквално кога дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, на ресорната министерка за образование прва активност беше сликање и влегување во тој студентски дом. Повторно ќе повторам, мерка која ја обезбеди СДСМ.
-Понижување е денеска младите да мораат да избираат дали ќе купат храна или нешто друго, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не успева да го исплати дури ни студентскиот оброк.
Исто така, мерка која е донесена во време на СДСМ е првичната сума од 120 денари по лице. Потоа, преку поширока дебата заедно со студентите, седнати на маса со луѓето кои ги тангира оваа мерка, се разговараше и мерката беше зголемена на 140 денари, што е за поздравување. Јас не велам дека тоа е доволно и дека треба да застане тука, но тоа е една почетна мерка, појдовна точка од која мора да се напредува и да се развива, рече Стојчевски,
Денеска, по однос на таа тема, единствено што слушнавме е дека мерката треба да опфати повеќе луѓе, но тоа остана само на хартија. Не видовме никаков исчекор од страна на оваа влада дека имаат намера да обезбедат средства за зголемување на студентскиот оброк.
СДСМ успеа двојно да ги зголеми стипендиите за средношколците, како и да обезбеди стипендии за студентите на Шумарскиот, Земјоделскиот и Факултетот за ветеринарна медицина.
Повторно, како Влада, успеавме да обезбедиме стипендии за студенти од втор и трет циклус.
-Денес, единствено што гледаме е дека стоиме буквално во место и, меѓу другото, овие неуспеси на владата се едни од причините што младите буквално бараат излез во далеку поразвиените држави, рече претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија.